Гласањето на 8 273 избирачки места низ целата држава е почнато утринава во 7 часот и ќе трае до вечер до 20 часот
Вкупно 6 500 666 запишани избирачи во Србија ќе гласаат на денешните парламентарни избори и избори за пратеници во Собранието на Војводина, како и на локални избори во 65 општини и градови, вклучувајќи го и Белград.
Гласањето на 8 273 избирачки места низ целата држава е почнато утринава во 7 часот и ќе трае до вечер до 20 часот.
Претседателот на Републичката изборна комисија (РИК), Владимир Димитријевиќ, на првата прес-конференција на денот на изборите рече дека сите избирачки места се отворени навреме, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Изборниот материјал, според Димитријевиќ, е целосен и исправен и сите избирачки места се отворени во 7 часот.
Како што пренесува РСЕ, според Димитријевиќ не се пријавени ниту евидентирани неправилности.
Димитријевиќ, исто така, потсетува дека се уште е на сила предизборниот молк и ќе трае до 20 часот, односно до затворање на гласачките места.
Ова се 14. парламентарни избори во Србија од воведувањето на повеќепартискиот систем, а дури деветти вонредни.
На парламентарните избори во Србија учествуваат 18 изборни листи, со предложени вкупно 2 817 кандидати за 250 пратенички места.
За 120-те пратенички места во Собранието на Војводина се натпреваруваат 13 избирачки листи, а за 110-те советнички места во Собранието на Белград ќе се натпреваруваат 14 изборни листи.
Косовските Срби ќе гласаат на избирачки места во јужниот дел на централна Србија – во Врање, Куршумлија, Рашка и Тутин.
Лицата кои на денот на гласањето отслужуваат воен рок, воена обука или обука во единици или институции на Вооружените сили на Србија можат да гласаат на вкупно 36 избирачки места во повеќе општини.
Во институциите за извршување на кривични санкции ќе бидат отворени 29 избирачки места, а запишани се 8 543 гласачи.
Српските државјани кои живеат во странство можат да гласаат во 35 земји на 81 избирачко место, а регистрирани се 39 270 гласачи. Поради разликата во временските зони, гласањето во САД, Канада, Португалија и Велика Британија се одржа вчера.
Изборите ќе ги следат рекордни 5 587 набљудувачи, а тоа се девет домашни здруженија и 25 меѓународни организации и странски држави.
За една изборна листа да може да влезе во собранието и да освои пратенички мандати потребно е да го помине прагот од три проценти, а во распределбата на мандатите учествуваат и партиите и коалициите на националните малцинства и доколку освојат помалку од три проценти.