Српската министерка за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ за РТС потврдила дека кај северниот сосед од 1 јануари струјата поскапува за помалку од 10 отсто, а гасот за 11 отсто.
Според пресметките на Електростопанство на Србија, за просечна потрошувачка на електрична енергија во домаќинствата сметката ќе сее зголеми за околу 300 динари што е 150 денари.
Последното поскапување на струјата од 6,5 отсто во Србија беше на 1 септември. И таму, како и во земјава, цената на електричната енергија се субвенционира од владата.
Во Северна Македонија, пак, министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на Електрани (ЕСМ), Васко Ковачевски, пред неколку дена изјавија дека од 1 јануари нема да има зголемување на цената на струјата за домаќинствата. Сепак, поради етапното враќање на стапката на ДДВ од актуелните 5 % на вообичаените 18 %, сметките за струја за домаќинствата од Нова година ќе бидат повисоки за пет насто во споредба со сегашните. Стапката на ДДВ за електрична енергија за оваа категорија потрошувачи од 1 јануари ќе биде 10 %.
Последното зголемување на цената на струјата за домаќинствата во земјава се случи на 1 јули годинава кога се воведоа и четири блок-тарифи.