На лекување во Скопје се препратени 57-годишен возач на комбе со повреда на главата и 55-годишен патник со повреда на лакт, информира портпаролката на велешката болница
Во сообраќајната несреќа што попладнево се случи на регионалниот пат Велес – село Извор се повредени вкупно 16 лица, информира портпаролката на велешката болница, Елена Левкова-Ќулумова. Двајца од нив се пренесени на понатамошно лекување во Клиничкиот центар во Скопје, но се вон животна опасност.
„На лекување во Скопје се препратени 57-годишен возач на комбе со повреда на главата и 55-годишен патник со повреда на лакт“,
информира портпаролката на велешката болница.
Останатите четиринаесетмина повредени кои се донесени во болницата во Велес се со полесни повреди.
Првично беше објавено дека во сообраќајната несреќа се повредени осум лица кои од сударот помеѓу патничкото и товарното комбе се здобиле со повреди на главата, но дека не се во животозагрозувачка состојба.
Несреќата на регионалниот пат Велес – село Извор, како што информираат од СВР Велес, се случила во 14:50 часот после крстосницата кон село Војница, на угорницата кон Општина Чашка.
Во несреќата учествувале товарно возило „ивеко“ со скопски регистарски ознаки управувано од 57-годишниот Б.Н. од Скопје и комбе „фолксфаген“ со велешки регистарски таблички управувано од 65-годишник со иницијали О.Ј. од село Побожје, Општина Чучер Сандево.