Во Собранието денеска треба да се одржи седница за поставување пратенички прашања, но премиерот Зоран Заев најави и дека претходно ќе одржи средба со претседателот на законодавниот дом, Талат Џафери, а веројатно и со коалицискиот партнер Али Ахмети за да се разгледаат опциите како да се одблокира функционирањето на парламентот.
Тој посочи дека повеќе опции се во игра, од средби на координатори на пратенички групи па се до лидерска средба и вонредна состојба.
„Утре ќе ја направам консултацијата, дали во Собранието, дали во Клуб на пратеници, сакаме да најдеме решение. Опозицијата кажа причини за блокирање. За албанската опозиција тоа е Законот за државјанство. Сите сме за Закон за државјанство, и македонската опозиција и македонската владејачка партија и албанските владејачки, сите сме. Треба да го најдеме начинот според европски стандарди и принципи и механизми. Да ги најдеме доказите како да им дадеме државјанство на тие наши граѓани“,
рече Заев.
Нефункционалноста на Собранието се должи на немањето кворум за работа и гласање со оглед дека двајца пратеници од мнозинството од 62 изминатиот период завршија во изолација поради ковид-19. Дополнително, пратеничката група на Алијанса за Албанците и Алтернатива со над 32 000 амандмани блокираа 20 закони, меѓу кои и одлуката за продолжување на кризната состојба со околу 400 амандмани, условувајќи со поддршката за нивниот Закон за државјанства.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, излезе со свој предлог – законите кои се однесуваат на помош во време на ковид-кризата и предлог-одлуката за продолжување на кризна состојба да се стават на посебна седница. Меѓутоа, за Џафери тоа е неприфатливо и тој се држи на ставот дека пратениците треба најнапред да го изгласаат дневниот ред на 36. седница и притоа да се утврдат приоритетни точки за гласање.