Во структурата на вкупните приходи даночните приходи учествуваат со 55,6 отсто и се планирани на ниво од 109,2 милијарди денари.
Во Собраниската Комисија за финансирање и буџет од денеска почнува расправата по ребалансот на буџетот за 2020 година, кој е втор годинава, заради справување со последиците од коронакризата.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ најавија 170 амандмани на ребалансот, за кој расправата (општа и амандманска) во матичната комисија, како и во Законодавно-правната комисија, може да трае по 10 дена.
Според информации од Собранието, се очекува пленарната седница за ребалансот да почне околу 25 овој месец и таа може да трае пет дена.
Приходите со новиот ребаланс се пониски за 0,2 отсто во однос на првиот ребаланс, расходите се повисоки за 4,2 отсто, а дефицитот е зголемен за 22,6 отсто во однос на првиот ребаланс.
Вкупните приходи со измените и дополнувањата на буџетот се планирани на ниво од 196,4 милијарди денари и се на речиси идентично ниво во однос на планот, имајќи предвид дека со претходните измени и дополнувања на буџетот тие беа планирани на реално ниво, односно пониски за 11,5 отсто во однос на иницијалните проекции на Буџетот.
Во структурата на вкупните приходи, даночните приходи учествуваат со 55,6 отсто и се планирани на ниво од 109,2 милијарди денари. Придонесите од социјално осигурување како изворни приходи на фондовите се планирани во износ од 65 милијарди денари или за 2,6 отсто повисоко во однос на планот за 2020 година. Останатите приходи – неданочни, капитални и странски донации се планирани на ниво од 22,1 милијарди денари.
Вкупните расходи се планирани на ниво од 253 милијарди денари или за 4,2 отсто, односно за 10,1 милијарди денари повеќе.
Врз основа на вака планираните приходи и расходи, дефицитот е позициониран во износ од 56,6 милијарди денари, односно 8,4 отсто од БДП.
„Со овој ребаланс се овозможува спроведувањето на четвртиот пакет антикризни мерки, кој има за цел да обезбеди одржливост на домашните економски дејности и на работните места, да помогне одредени погодени дејности, да обезбеди стабилност на социјалните трансфери и да обезбеди политики кои ќе помогнат во спроведување брза излезна стратегија, за кога ќе заврши кризата да продолжиме со позитивните трендови на новата развојна македонска економија“,
оцени министерот за финансии Фатмир Бесими при претставувањето на ребалансот.
Тој уверува увери дека финансирањето е обезбедено и дека сите обврски ќе се реализираат согласно планираното, а преку реализацијата на предвидените мерки од четвртиот пакет ќе се придонесе за подобрување на вкупниот економски резултат, односно амортизирање на социо-економскиот удар од пандемијата, додека следната година се очекува заздравување на економијата со економски раст и постепена фискална консолидација.
Во новиот ребаланс, како што појасни Бесими, средства се распределени за:
- Финансиска поддршка за исплата на плата на вработени во приватниот сектор со надоместок во интервал од 14 500 до 21 776 денари
- Компании кои имаат поголем пад на приходите како последица на пандемијата – 4,3 милијарди денари или 70 милиони евра
- Домашна платежна картичка за ранливи категории погодени од ковид-19 за плаќање на домашни производи и услуги кај погодените сектори
- 1,6 милијарда денари или 27 милиони евра за поддршка на производители, преработувачи и извозници на грозје, наливно вино и вино во шишиња
- 412 милиони денари или 6,7 милиони евра за поддршка на туристички водичи регистрирани како самостојни вршители на дејност
- 9,8 милиони денари или 160.000 евра за враќање на туристичка такса за 2019 година, за остварени ноќевања
- 120 милиони денари или два милиони евра, за македонски викенд шопинг со „МојДДВ
- Царинска гаранција преку Развојната банка, со што се нуди дополнителна можност за полесен пристап до финансиски средства за поддршка на приватниот сектор, преку преземање на дел од кредитниот ризик
- 799 милиони денари или 13 милиони евра за грантови за туристички агенции, игротеки и ресторани за свадби – 330 милиони денари или 5,5 милиони евра.
Со ребалансот капиталните расходи се планирани на ниво од 18,4 милијарди денари или 1,2 милијарда денари пониски во однос на планот за 2020 година, а се резултат на забавени економски активности, пролонгирање на инвестициони вложувања заради изборните дејствија, како и мерки за воздржување од набавки на мебел, опрема и возила, кои суштински и директно не се поврзани со справување со здравствено-економската криза. Притоа, капиталните расходи на основниот буџет се на исто ниво.