Рапиден раст на бројот на гласачи во вториот круг од локалните избори се бележи во Скопје. Во апсолутни бројки, во главниот град на државата, до 13 часот гласале 110 543 избирачи, за разлика од првиот изборен круг кога на гласачките места во истиот период излегле 88 240 гласачи.
Според податоците, најмотивирани се гласачите во Карпош. Бројката таму е поголема за 4 788, односно во одлучувачката трка за оваа градоначалник на оваа скопска општина и за градоначалник на Скопје, до 13 часот гласале 16 116 избирачи, за разлика од првиот круг во кој на избори во овој период излегле 11 328 гласачи.
Повеќе од 4 000 гласа во кутиите во однос на првиот круг има и во Аеродром а над 3 000 е разликата во овој круг во споредба со првиот и во Центар и во Кисела Вода. Во Аеродром и во Кисела Вода се гласа само за избор на градоначалник на Скопје.
Ист е случајот и со Ѓорче Петров и Бутел, каде изборите за градоначалници на општината се завршени, но 17 298 се решиле да учествуваат со својот глас да решат кој ќе го предводи Град Скопје. Во првиот круг, до 13 часот гласале 15 152 избирачи.
Дури и во Шуто Оризари бројот на гласачи е поголем. Иако одѕивот таму не надминува 20 отсто од запишаните, во вториот круг во изборот на првите луѓе на општината и на градот излегле 817 гласачи повеќе.
Најмал е одѕивот во Сарај. Единствено таму излезноста е помала од првиот круг. Во оваа општина се гласа само за градоначалник на Скопје а во изборот до 13 часот решиле да партиципираат 3 447 избирачи или 1 002 гласачи помалку отколку во првиот круг.