Иницијативата против носење бурки беше одобрена од 51,2 отсто од швајцарските гласачи во март 2021 година. Исклучоците од законот вклучуваат покривање на лицето од безбедносни, временски или здравствени причини, а исто така ќе биде дозволено за уметнички, забавни или промотивни цели
Вчера во Швајцарија стапи во сила законот за забрана за покривање на лицето на јавни места, познат како „забрана за бурка“, а неговото прекршување може да се казни со парична казна до 1 000 швајцарски франци или 1 064 евра, објави Свисинфо.
Иницијативата против носење бурки беше одобрена од 51,2 отсто од швајцарските гласачи во март 2021 година. Исклучоците од законот вклучуваат покривање на лицето од безбедносни, временски или здравствени причини, а исто така ќе биде дозволено за уметнички, забавни или промотивни цели.
Детски бракови
Од 1 јануари швајцарските закони ќе станат поефикасни и во борбата против детските бракови.
Браковите склучени во странство во кои се вклучени малолетници веќе нема да се признаваат ако барем еден од сопружниците бил жител на Швајцарија во времето на бракот. Детските бракови сега може да се поништат на барање на властите или засегнатата страна до 25-тиот роденден на лицето, додека претходно тоа беше можно само до 18-тиот роденден на лицето.
Промената на законот има за цел да ги спречи таканаречените „бракови на годишен одмор“, односно детски бракови што се случуваат кога семејствата патуваат во други земји каде што законската возраст за брак е помала. Браковите во Швајцарија нема да се признаат доколку и двајцата сопружници немаат најмалку 16 години.
Зголемување на пензиите
Од 1 јануари пензиите во Швајцарија се зголемени за 2,9% за да одговараат на растечките цени и трендовите на платите.
Така минималната државна пензија се зголеми од 1 225 швајцарски франци (1 306 евра) на 1 260 швајцарски франци (1 343 евра) месечно, додека максималната пензија се зголеми од 2 450 швајцарски франци (2 613 евра) на 2 520 швајцарски франци (2 687 евра). Истовремено ќе се усогласат придонесите, дополнителните надоместоци, преодните и задолжителните професионални бенефиции.
Швајцарската влада генерално проверува на секои две години дали пензиите треба да се приспособат во согласност со трошоците за живот. Последен пат пензиите беа усогласени во 2023 година, кога минималната старосна пензија беше утврдена на 1 225 швајцарски франци (1 306 евра).