Од ГШ потврдија за „360 степени“ дека станува збор за војници кои, поради прогласената вонредна состојба, биле испратени на помош на МВР. Припадниците на Армијата допрва ќе бидат тестирани откако вчера биле завршени епидемиолошките анкети
Во самоизолација од вчера се десетина припадници на македонската Армија, кои биле логистика на МВР во Охрид, каде што е затворено одморалиште на полицијата откако се дијагностицирани седум позитивни случаи на ковид-19 кај припадници на Единицата за брзо распоредување на МВР.
Од Генералштабот на Армијата потврдија за „360 степени“ дека станува збор за војници кои, поради прогласената вонредна состојба, биле испратени на помош на полицијата. Припадниците на Армијата допрва ќе бидат тестирани откако вчера биле завршени епидемиолошките анкети.
Војниците, како што се посочува, биле сместени во истото одморалиште на МВР во Охрид каде што имало и припадници на ЕБР, кои биле испратени таму како поддршка на СВР-Охрид и се менувале по принцип на ротација.
„Армијата на Северна Македонија во наведеното одморалиште на МВР има исто така 12 свои припадници кои ги извршувале работните задачи во испомош на МВР, за обезбедување карантински објекти во охридскиот регион и биле сместени во одморалиштето. Во моментов, сите се во самоизолација и им се направени епидемиолошки анкети предвидени за ковид-19, по што, во координација со МВР, ќе следат дополнителни мерки за вакви ситуации,“
велат од ГШ на Армијата.
Инаку, како што посочуваат од Генералштабот, моментно во Армијата има само еден активен случај на ковид-19, од вкупно пет, колку што се дијагностицирани од почетокот на епидемијата во земјава, а кои, како што се посочува, главно, не биле инфицирани при извршување на службата.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска објави вчера дека четворица од заразените полицајци биле на прославата на Денот на полицијата.
Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев ѝ испрати демант на Шекеринска, оценувајќи дека се дезинформација наводите дека полицајците биле заразени на прославата на 7 мај. Вицепремиерката одговори дека не рекла дека полицајците се заразиле на прославата, туку дека учествувале на настанот по повод Денот на полицијата.