Во Извештајот се забележува дека немањето сигурно вработување и тешките социо-економски услови придонесуваат за раст на самоцензурата и овозможуваат сопствениците на медиумите да влијаат врз уредувачката политика
Според ЕК, праксата на обезбедување платено политичко рекламирање кај радиодифузерите, печатените и онлајн медиумите и натаму предизвикува загриженост кај медиумските здруженија поради ризикот од политичко влијание врз независноста на медиумите
Европската комисија во најновиот извештај за напредокот на Северна Македонија во делот на слободата на изразувањето и работењето на медиумите нотира дека земјата е умерено подготвена во сферата на слободата на изразувањето и генерално бележи лимитиран прогрес во однос на претходните препораки на Европската комисија.

Во Извештајот се наведува дека Северна Македонија генерално има поволна клима за слободата на медиумите и овозможено е критичко медиумско известување, иако беа забележани одредени тензии за време на минатогодишните локални избори. Економската неизвесност и натаму е предизвик за новинарите и медиумските работници, а фокусот треба да остане на напорите за унапредување на нивните работнички и социјални права.
Предизвик и натаму остануваат работничките и социјалните права на новинарите и медиумските работници. Нивните права ги застапува, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, а новинарите во јавниот радиодифузен сервис и државната агенција МИА се организирани во посебни синдикати. ЕК нотира дека е потребно подобрување на дијалогот на синдикатите со Владата, со цел да се изнајдат прифатливи решенија за сите прашања, како што се големиот број договори на определено и на половина работно време, без социјално и здравствено осигурување.
Приходите на повеќето медиумски работници се пониски од просечната плата во државата. Често пати се занемаруваат и работничките права, како што е правото на годишен одмор, плаќање на прекувремени часови, ноќни смени или други законски додатоци.
На голем број медиуми им недостига етички кодекс, како и можност за професионално и стручно надградување и кариерен напредок.
Во Извештајот се забележува дека немањето сигурно вработување и тешките социо-економски услови придонесуваат за раст на самоцензурата и овозможува сопствениците на медиумите да влијаат врз уредувачката политика.
„Потребни се натамошни напори за заштита на професионалните и работничките права, на слободата и безбедноста на новинарите“,
препорача ЕК и напомена дека се потребни дополнителни мерки за промовирање на родовата еднаквост во медиумската индустрија.
Во Извештајот се нагласува и дека слободата на изразување и плуралистичките гледишта продолжиле да напредуваат во генерално поволниот целокупен политички контекст. И покрај ова, медиумските реформи заглавија поради недостиг на политички консензус и промена на фокусот поради пандемијата на Ковид-19.
Властите, според препораките на ЕК, треба да ги зголемат нивните напори за реформирање на јавниот радиодифузен сервис, да ја обезбедат неговата независност, професионалните стандарди и финансиската одржливост. Забележано е дека реформскиот процес на јавниот радиодифузен сервис, во рамки на петгодишната развојна стратегија, е ограничен поради одложувањето на назначување на членови на неговиот Програмски совет, а забелешка е и непополнувањето на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
„Во сила остануваат минатогодишните препораки, а во годината што претстои земјата треба да ја ревидира законската рамка за медиумите согласно акито на ЕУ и европските стандарди, особено со продолжување на работата за усогласување на националните закони со ревидираната Европска директива за аудиовизуелните медиумски сервиси“,
нагласува ЕК во Извештајот.

ЕК нотира и дека Владата продолжила да го намалува финансирањето на медиумскиот регулатор, јавниот радиодифузен сервис и јавното претпријатие за радиодифузија со користење на одредби од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Не се исполнети одредбите од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со кои се утврдува износот на јавното финансирање на јавниот радиодифузен сервис да изнесува еден отсто од државниот буџет во 2021 година. Финансирањето, забележува ЕК, достигнало 0,59 отсто во јули 2022 година. Вкупниот буџет на јавниот сервис во 2021 година изнесувал 13,4 милиони евра, додека во 2022 година изнесува 15 милиони евра.
Осврнувајќи се на економските фактори во работењето на медиумите, Еврокомисијата потенцира дека ковид-пандемијата го влоши веќе постоечкиот тренд на намалување на приходите, поради што Владата донела мерки за помош на медиумите.
Медиумските здруженија, нагласува ЕК, продолжуваат да ја изразуваат својата загриженост за интегритетот на медиумите и нивната независност поради несигурната финансиска состојба.
Комисијата ја укажа потребата од поголема транспарентност во однос на медиумското рекламирање од страна на политичките партии и потсетува дека во септември 2021 година Собранието усвои измени на Изборниот законик, кои се однесуваа на медиумите и политичкото рекламирање.
Според ЕК, праксата на обезбедување платено политичко рекламирање кај радиодифузерите, печатените и онлајн медиумите и натаму предизвикува загриженост кај медиумските здруженија, поради ризикот од политичко влијание врз независноста на медиумите.
Во Извештајот се напоменува и дека медиумските здруженија продолжиле да ја изразуваат својата загриженост за евентуалната измена на членот 102 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги што би овозможило државно финансирање на кампањи од јавен интерес. Се споменува и загриженоста на еснафските здруженија во однос на државното финансирање на политичките партии, кои го користат за рекламирање во медиумите, што се смета за потенцијална опасност за влијание врз уредувачката политика.
Иако случаите на физичко и вербално насилство кон новинарите се намалени, забележано е зголемување на онлајн заканите кон новинарите и медиумските работници.

ЕК забележува дека онлајн вознемирувањето и вербалните напади кон новинари, особено на социјалните медиуми, продолжуваат да растат. Нагласува и дека старите случаи на физички напади врз новинар останаа нерешени.
Во Извештајот, ЕК се осврнува и на говорот на омраза, кој е забранет во сите медиуми и напоменува дека во декември 2021 година, онлајн закана кон новинари објавена на социјални медиумите беше санкционирана од судските власти.
ЕК повторно прави осврт за работата на онлајн медиумите, чија дејност не е регулирана со конкретен закон, а во општеството има различни ставови за тоа дали постои потреба од регулатива, особено имајќи ги предвид растечките закани од дезинформации.
Еврокомисијата нотира дека порталите и социјалните медиуми се главен извор на дезинформации, говор на омраза и најчести прекршители на професионалните новинарски стандарди и на авторските права.