Министерот вели дека овошјата и зеленчукот ќе се вметнуваат во кошничката етапно, сезонски, зависно од периодот во кој доспеваат и се користат

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство има изготвено список со земјоделски производи што ќе треба да бидат вклучени во пресметката на просечната потрошувачка кошничка, информира денеска министерот Цветан Трипуновски.
„Учествуваме заедно со другите министерства во оваа потрошувачка кошничка. Нашето министерство е во делот на земјоделските производи. Голема е листата, а пред сè се застапени производите што се произведуваат во земјава“,
рече Трипуновски денеска во одговор на новинарско прашање.
Според Трипуновски, на листата се наоѓаат сите овошја и зеленчук што се одгледуваат и произведуваат во земјава.
Тој вели дека овошјата и зеленчукот ќе се вметнуваат во кошничката етапно, сезонски, зависно од периодот во кој доспеваат и се користат. Листата, изготвена согласно календарот на производство на земјоделски култури во нашата држава, Трипуновски вели дека е доставена до Министерството за економија.
„Ние како министерство, согласно календарот на производство на земјоделски култури во нашата држава, изработивме посебен календар кои земјоделски култури во кој период доспеваат и се во период на користење. Тој список е доставен до Министерството за економија и така е вметната за секој еден земјоделски производ да биде во период на искористување. Знаете дека одредени производи се со сезонски карактер, така што во периодот на производство ќе бидат вметнати во кошничката“,
додаде тој.
Според него, во општините каде што некои земјоделски култури во изминатиот период претрпеа штети поради ниските утрински температури, има формирано посебни комисии за проценка кои ќе излезат на терен откако земјоделците на јавен повик ќе ги пријават настанатите штети. Збирниот извештај на ниво на општина, како што рече Трипуновски, ќе биде доставен до надлежната владина комисија и ќе биде утврден процентот на обесштетување.
Трипуновски вели дека поради ниските температури последици има врз сливата во Делчевскиот Регион, јаболката во Ресен, праската нектарина во Тиквешијата, а делови со калинка и јапонско јаболко биле зафатени и во Валандовскиот Регион.