Ваквите сцени, порачува директорот на Здравствениот дом Скопје, не можат да се толерираат во амбиент каде што луѓето одат да ја добиваат потребната медицинска помош

Во поликлиниката во населбата Драчево минатиот четврток ечела музика додека се одбележувало пензионирање на еден вработен, а сега управителот и дежурниот лекар ќе подлежат на дисциплински мерки.
Ваква најава стигна од новиот директор на Здравствениот дом Скопје, Вулнет Селими, кој вели дека ја посетил клиниката и од одговорниот лекар таму му било потврдено дека случката е вистината.
„По објавувањето на видеоснимка од внатрешноста на поликлиниката Драчево, на која се слушаа песни со исклучително висок глас, што е надвор од секоја етика и прописи, пред неколку моменти ја посетив оваа поликлиника. Одговорниот лекар ми потврди дека таа сцена се случила минатиот четврток, правдајќи ја дека била по повод пензионирањето на вработен на Клиниката, што и според него е над нормалното. За овој пропуст ќе бидат преземени дисциплински мерки и против управителот на клиниката и против дежурниот лекар одговорен на денот кога се случила оваа сцена“,
вели Селими.
Ваквите сцени, порачува директорот, не можат да се толерираат во амбиент каде што луѓето одат да ја добиваат потребната медицинска помош.