Станува збор за законски решенија што се на „приоритетната листа“ за донесување пред распуштање на парламентот
Предлог- измени во Изборниот законик, предложени од група пратеници, стигнале денеска во парламентот. Според информациите оттаму, станува збор за измените што треба да се донесат, согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР, а за кои првично имаше најави дека ќе бидат предлог на Владата.
Со предложените измени, според информациите, предвидено е и прекројување на изборните единици за парламентарни избори, на што инсистираше ДУИ, додека СДСМ сметаше дека спроти изборите нема време за таква „операција“. Според известувањето што стигнало до пратениците, измените во Изборниот законик се во скратена постапка.
Два часа претходно, во парламентот стигнал и предлог-закон за изменување на Законот за лична карат, но во прво читање, поднесен исто така од група пратеници. За овој предлог-закон имаше информации дека деновиве е усогласен меѓу СДСМ и Беса „во замена“ за поддршка за законот за ЈО.
Измените на Изборниот законик се меѓу законите што се на „приоритетната листа“ за донесување, пред распуштањето на парламентот.