Во Охридскиот регион кој е под заштита на УНЕСКО нема да може ништо да се гради, ако тоа не биде предвидено со заштитно-конзерваторските услови кои ги издава Управата за заштита на културно наследство (УЗКН), а ги изработува Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј Охрид.
Ова денеска го најави министерката за култура, Ирена Стефоска, на прес-конференција на која даде отчет за 100 дена од мандатот.
Таа појасни дека минатата недела на Владата ги усвои заклучоците по информацијата за спроведување на Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион. Општините Охрид, Струга и Дебарца кои се дел од Охридскиот регион при издавање на дозволите за изградба на објекти мора да ги соопштуваат условите согласно Планот за управување.
Владата, минатата недела ја разгледа и усвои информацијата за спроведување на Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион, и донесе соодветни заклучоци и задолженија за Министерството за транспорт и врски, Министерството за култура и Министерството за заштита на животната средина и за просторно планирање за непречено имплементирање на одредбите од Планот.
Владата ѝ укажа на Управата за заштита на културното наследство и на Националната установа-Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид, до донесувањето на новите детални-урбанистички планови за Охридскиот регион кои ќе бидат усогласени со Планот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион (2020-2029), условите за изградба на објекти задолжително да содржат заштитно-конзерваторски мерки, кои ги утврдува Управата за заштита на културното наследство, а ги изработува НУ-Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид.
Владата им укажа и на општините Охрид, Струга и Дебрца, при издавање на одобренија за изградба на објекти да ги соопштат и условите согласно Планот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион (2020-2029) за задолжително исполнување на заштитно-конзерваторски услови, кои ги издаваат надлежните институции.
