„Пред неколку дена ги склучивме договорите со сите шест партнери од Западниот Балкан, откако ги решивме сите прашања поврзани со самата испорака и правните аспекти“, вели шефот на австриската дипломатија
Во периодот од мај до август во Северна Македонија во неколку транши ќе пристигнат 119 000 дози вакцини од „Фајзер“, кои се донација од ЕУ, најавува шефот на австриската дипломатија Александер Шаленберг.
Станува збор за вакцини од програмата на ЕУ за помош на соседните земји и Африка, а во која програма Виена е координатори за шесте земји од Западен Балкан. Вкупно за регионот ќе бидат испратени 651 000 доза, од кои 119 000 за земјава.
Пред неколку дена ЕУ ги потпишала договорите со земјите од Западен Балкан.
„Имајќи предвид дека Западниот Балкан е приоритет на австриската надворешна политика, Австрија веднаш го прифати барањето на Европската комисија во февруари за координација при испорака на вакцини за Западен Балкан. За оваа цел, ние обезбедивме 651 000 дози од вакцината на ’Бионтек’/’Фајзер‘ и пред неколку дена ги склучивме договорите со сите шест партнери од Западниот Балкан, откако ги решивме сите прашања поврзани со самата испорака и правните аспекти. Во Северна Македонија ќе бидат испорачани 119 000 дози во неколку транши почнувајќи од мај до крајот на август. Австрија однапред ќе ги финансира вакцините. Земјите од Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија, ќе бидат финансирани преку средства од ИПА II што Европската комисија ги одобри при крајот на декември минатата година. Така, сите 119 000 дози за Северна Македонија ќе претставуваат донација од страна на Европската унија и нејзините земји-членки“,
вели Шаленберг во интервју за МИА.
Тој зборува и за ковид-пасошите кои планира да ги воведе ЕУ и потенцира дека Австрија целосно го поддржува дигиталниот сертификат бидејќи тоа е важен чекор кон олеснување на слободното и безбедно патување.
„Овој сертификат не претставува ’вакцинален пасош‘, тој нема да биде достапен само за лица кои се вакцинирани, туку и за оние кои се тестирале или ја прележале болеста, со цел да се овозможат максимални придобивки. Воведувањето на овој сертификат ќе овозможи поголема мобилност и ќе даде поттик на економијата и туризмот во текот на летната сезона. Тој претставува перспективна излезна стратегија кон нормалноста на која сите се надеваме“,
вели шефот на австриската дипломатија.
