Оваа конкретна набавка ќе биде испорачана во четири месечни наврати, почнувајќи од првата недела во мај, кога се очекуваат околу 19 000 дози
Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен на Твитер соопшти дека од ЕУ за Северна Македонија ќе бидат доставени 119 илјади дози вакцини.
„Ние сме покрај нашите партнери од Западниот Балкан, како што му кажав на Зоран Заев, 119 000 дози вакцини ќе стигнат во Северна Македонија од мај до крајот на август. Во ова сме заедно“,
наведе Фон дер Лајен во објавата на Твитер.
Овие вакцини се дел од 651 000 дози на „Фајзер“ наменети за здравствените работници и ранливите групи од земјите од Западен Балкан, што ќе бидат набавени со финансиски средства на ЕУ и испорачани во државите од регинот од мај до август.
Европската комисија во јануари претстави план за дистрибуција на вакцините, а Австрија потврди дека таа ќе биде координатор на помошта за Западен Балкан и дека оваа дистрибуција може да ја следат и други.
Вредноста на испораката е 11 милиони евра, а вакцините ќе се плаќаат од фондовите за помош на ЕУ на земјите кандидати и потенцијалните кандидати за членство во Унијата.
„Им благодариме на пријателска Австрија, останатите земји членки и Европската комисија за солидарноста. Оваа помош за македонските граѓани немаше да биде возможна без несебичното залагање на австрискиот МНР Шаленберг и еврокомесарот Вархеји, на кои би сакал и лично да им се заблагодарам, особено имајќи го предвид предизвикот за обезбедување на вакцини, како во ЕУ земјите членки, така и глобално“,
истакна вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров во писмената изјава по повод доделувањето на помошта.
Оваа конкретна набавка ќе биде испорачана во четири месечни наврати, почнувајќи од првата недела во мај, кога се очекуваат околу 19 000 дози.
Но, со овој договор, се вели во соопштението, не се исцрпуваат сите средства, со оглед на тоа дека во рамките на механизмот на Северна Македонија ѝ беа распределени 8,19 милиони евра.
Владата, во соработка со Европската комисија, ќе продолжи со преговорите за потпишување дополнителни трипартитни договори до конечно исцрпување на грант средствата.