Штипскиот ковид-центар е целосно исполнет и нема ниту еден слободен болнички кревет, но финишираат подготовките за отворање на модуларната болница.
„Се прават последните подготовки и се потпишуваат договорите за ставање во функција на модуларната болница во Штип“,
вели директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев за МИА.
Доколку се оди според предвиденото, новиот објект се очекува да биде отворен утре, но се зависи од тоа дали ќе се реализираат и последните активности, со цел пациентите да имаат непречена здравствена услуга, а и нормално работење на здравствениот персонал.
Новата модуларна болница има 47 кревети, опремена е со сите потребни апарати за третман на ковид-пациентите, кои се во тешка здравствена состојба.
Според денешниот извештај на болницата во штипскиот ковид-центар нема слободни болнички кревети. Во четирите ковид-одделенија има 61 пациент, од кои 44 се на кислородна поддршка. Двајца пациенти од Штип се починати на возраст од 79 и 84 години.