Според податоците на ДИК, до 17 часот, најмала излезеност има во Центар Жупа со 19,15 проценти, Врапчиште со 20,94 отсто, Маврово-Ростуше со 25,89 проценти, Гостивар со 28,02 проценти

Според податоците на Државната изборна комисија за излезеноста на локалните избори до 17 часот, во некои општини може да се забележи многу низок процент на излезеност, поради што постои опасност во овие општини да не биде избран градоначалник.
Имено, согласно член 132 од Изборниот законик, за да има победник денеска или за да има втор круг гласање по две недели, денеска мора да гласаат минимум 33,33% од избирачите запишани во соодветната општина.
„Во првиот круг од гласањето за градоначалник е избран оној кандидат кој добил мнозинство гласови од избирачите што гласале, доколку на изборите излегле една третина од вкупниот број избирачи запишани во изводот од Избирачкиот список за соодветната општина. Доколку во првиот круг од гласањето за избор на градоначалник на општината, односно градоначалник на градот Скопје не излезат една третина од вкупниот број избирачи запишани во изводот од избирачкиот список за соодветната општина, односно градот Скопје, се повторува целата изборна постапка за соодветната општина“,
пропишува Изборниот законик.
Според податоците на ДИК, до 17 часот, најмала излезеност има во Центар Жупа со 19,15 проценти, Врапчиште со 20,94 отсто, Маврово-Ростуше со 25,89 проценти, Гостивар – 28,02 проценти.
Излезеноста во Шуто Оризари – 30,38 проценти, Радовиш – 31,57 проценти, Пласница – 32,87 проценти, исто така е мала, но можно е да го надминат потребниот праг до затворањето на гласачките кутии.