Украина ги опиша нападите врз нејзината енергетска инфраструктура како руски тероризам. Москва ги отфрла критиките и ги опишува нападите како одговор на „неподготвеноста“ на Киев да одржи мировни преговори
Градските власти во Киев денеска предупредија дека е можно целосно исклучување на електричната мрежа на главниот град на Украина, а премиерот рече дека речиси половина од енергетскиот систем на земјата бил онеспособен во руските напади.
Русија ги засили воздушните напади врз украинските енергетски капацитети во изминатите неколку недели, погодувајќи ја енергетската инфраструктура низ целата земја.
„За жал, Русија продолжува со ракетните напади врз украинската цивилна и критична инфраструктура. Речиси половина од нашиот енергетски систем е исклучен“,
рече премиерот Денис Шмихал по состанокот со комесарот за трговија на Европската комисија, Валдис Домбровскис.
Киев е еден од градовите најтешко погодени од напади со ракети и беспилотни летала кои на моменти го прекинаа снабдувањето со електрична енергија, греење и вода како што се приближува зимата. Инженерите брзаат да ја поправат електричната мрежа во главниот град, кој го забележа првиот снег во четвртокот.
„Се подготвуваме за различни ситуации, вклучително и целосно исклучување“,
рече Микола Поворжник, заменик-менаџер на градската администрација во Киев.
Тој не кажа што ќе се случи ако електричната мрежа целосно се исклучи, но властите рекоа дека не размислуваат за евакуација на градовите.
Украина ги опиша нападите врз нејзината енергетска инфраструктура како руски тероризам. Москва ги отфрла критиките и ги опишува нападите како одговор на „неподготвеноста“ на Киев да одржи мировни преговори.
Фото: EPA-EFE/OLEG PETRASYUK