Во протестите се уапсени 33 демонстранти, а полицијата употребила и водени топови за растерување на насобраните луѓе
Веста дека четворица заложници кои беа во заробеништво на Хамас во Појасот Газа од 7 октомври беше пречекана со огромна радост и прослави на улиците на Тел Авив. Како што јавуваат израелските медиуми, на протестите кои се одржале во градот доминирала радоста поради ослободувањето на овие лица, но и гневот за постапките и начинот на кој израелската влада и премиерот Бенјамин Нетанјаху се справуваат со војната.
Во Тел Авив се уапсени 33 демонстранти, а полицијата користела и водени топови за да ги избрка насобраните луѓе. На еден од протестите се обрати и поранешниот шеф на израелската разузнавачка служба, Амос Малка кој ја нарече спасувачката операција „исклучителен оперативен успех во морето од стратешки неуспеси“, притоа критикувајќи го премиерот кој се сликал со заробениците, а не разговарал со семејствата на заложниците кои биле убиени во Појасот Газа.

Слични помали протести беа одржани и во други израелски градови, вклучувајќи го и Ерусалим, каде што демонстрантите носеа големи фотографии од четворица заложници чија смрт неодамна беше објавена и скандираа пред резиденцијата на премиерот за поддршка на предложениот договор за заложници и против војната во Газа.
Демонстрантите се собраа и околу куќата на Нетанјаху на Средоземното Море, барајќи предвремени избори и ослободување на преостанатите заложници.
Вчера, израелската армија соопшти дека во операција во централниот дел на Газа биле ослободени четворица заложници киднапирани од Хамас во октомври. Оваа акција ја поздравија американскиот претседател Џозеф Бајден и францускиот претседател Емануел Макрон.
Бајден го повтори барањето на Вашингтон за постигнување договор за прекин на огнот велејќи дека тоа ќе обезбеди ослободување на сите преостанати заложници заедно со безбедносни гаранции за Израел и помош за невините цивили во Газа.
И францускиот претседател Макрон повика на изнаоѓање начин за смирување на состојбата, но упати и критики за ситуацијата во Рафах, на југот на Газа. Тој рече дека бројот на загинати и повредени по девет месеци војна е неприфатлив.
„Неприфатливо е тоа што Израел не ги отвора сите гранични премини за хуманитарна помош, како што бара меѓународната заедница со месеци. Заедничките напори ќе бидат засилени за да се спречи регионален ‘пожар’, особено во Либан“,
кажа Макрон.