Во Грција денеска е предизборен молк во пресрет на утрешните парламентарни избори, а вчера партиите ги одржаа последните предизборни митинзи
Над 25 000 Грци кои живеат во странство денеска, ден пред парламентарните избори во Грција, гласаат во 85 града во 35 земји, каде што се отворени 102 гласачки места, јави дописничката на МИА од Атина.
Гласањето од странство по првпат беше воведено на минатите избори на 21 мај, кога Грците ја искористија можност да гласаат на парламентарните избори, без да биде потребно да се вратат во Грција.
Гласачките места се отворени од седум часот утрово до 19 часот по локално време во секоја земја, а пребројувањето на гласовите ќе биде во Грција, откако гласачките ливчиња авионски ќе бидат испратени во земјата.
Поради временските зони, први се отворија гласачките места во Австралија, а последни ќе се затворат во одредени градови во САД и во Канада.
Најголем број пријавени гласачи има во Лондон, Брисел, Амстердам, Берн, Никозија, Париз, Берлин, Минхен и Хаг.
Во Грција денеска е предизборен молк во пресрет на утрешните парламентарни избори, а вчера партиите ги одржаа последните предизборни митинзи – претседателот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис, одржа говор во центарот на Атина, лидерот на Сириза, Алексис Ципрас, говореше во Солун, а претседателот на ПАСОК – Движење на промена, Никос Андрулакис, одржа митинг на Крит.
Нешто помалку од десет милиони граѓани утре ќе гласаат на изборите на кои учествуваат 32 партии, коалиции или самостојни кандидати.
На минатите избори беше спроведен пропорционалниот модел што не предвидува бонус од 50 пратеници за партијата победник и ниту една од партиите не го обезбеди потребното парламентарно мнозинство од минимум 151 пратеник за да формира еднопартиска влада, па затоа и се одржуваат втори избори.
Сега ќе се спроведе законот од 2020 година и ќе се примени мешаниот систем со засилена пропорционална застапеност, што значи и враќање на бонус пратеници за првата партија.
Но, овој пат, бонусот нема да биде фиксен од 50 пратеници, како што беше случај во минатото, туку бројот ќе биде во зависност од освоените гласови и колку партии ќе останат вон парламентот, а ќе се движи меѓу 20 и 50 дополнителни пратенички места.