Инаку, вирусот во Грција е присутен во летниот период од 2010 до 2014 година, како и од 2017 до денес. Според грчките медиуми, најголем број случаи на вирусот Западен Нил имало во 2018 година, односно 317 случаи, а тогаш бил највисок и случајот на починати лица или 51 случај. Минатата година биле регистрирани 162 случаи, а починале 23 лица
Во рок од една недела во Грција се откриени шеснаесет нови случаи на вирусот Западен Нил, информираат денеска грчките медиуми, повикувајќи се на официјални податоци добиени од тамошната Национална организација за јавно здравје.
Според последните податоци од оваа здравствена установа во Грција од почетокот на годината до вчера се дијагностицирани и истражени вкупно 140 случаи на инфекција со вирусот Западен Нил, од кои 104 случаи имале потешка симптоматологија на вирусот, а 36 случаи имале благи или никакви манифестации на вирусот.
„Седумнаесет смртни случаи се регистрирани кај пациенти инфицирани со вирусот. Починатите се на возраст над 60 години“,
велат од Националната организација за јавно здравје во Грција.
Во изминатиот период детектирани се четири увезени случаи на вирусот, три од Албанија и еден од Австрија, односно инфекција кај пациенти стекната во други земји.
Вирусот е присутен во речиси цела Грција, со потврдени случаи во северниот, северноисточниот, западниот и централниот дел од земјата, во Епир и Јонските Острови, на Пелопонез, како и во областа Атика, поширокиот регион на Атина.
Инаку, вирусот во Грција е присутен во летниот период од 2010 до 2014 година, како и од 2017 до денес. Според грчките медиуми, најголем број на случаи на вирусот Западен Нил имало во 2018 година, односно 317 случаи, а тогаш бил највисок и случајот на починати лица или 51 случај. Минатата година биле регистрирани 162 случаи, а починале 23 лица.
Вирусот Западен Нил, според медицински извори, првпат бил изолиран веќе во 1937 година во Уганда и оттогаш научниците трагаат по ефикасен лек или вакцина. Најчесто се пренесува од заразени комарци кои инјектираат вирус во телото на луѓето или животните за време на убод. Треба да се напомене дека болеста не се пренесува со директен контакт со заразено лице или друго заразено животно, туку само со каснување од заразен комарец.
Научниците истакнуваат дека самиот убод не мора да значи оти некое лице ќе се разболи. Кај некои лица заразени со вирусот на Западен Нил, болеста никогаш не се развива или се развива со благи симптоми во рок од три до 14 дена од убодот.