Првиот човек на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, информира дека во гаснењето на пожарот што се случи во поранешниот тутунски комбинат во Тетово, сегашна фабрика за производство на минерални материи, биле ангажирани вкупно 216 лица, два хеликоптери, еден армиски и еден полициски, 22 цистерни, 21 машина, како и осум виљушкари
Меѓу другото, посочи дека како последица на вдишувањето на чадот вчера 22 пожарникари од тетовската противпожарна бригада побарале лекарска помош, но денеска се добро
Во гаснењето на пожарот во Тетово сите заедно спречивме голема катастрофа. Можеби опремата што ја користевме е недоволна и стара, но сите заедно учествувавме во гасењето на пожарот, изјави денеска првиот човек на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, информирајќи за опремата што се користела при гасењето на пожарот.
Тој информира дека во гаснењето на пожарот што се случи во поранешниот тутунски комбинат во Тетово, сегашна фабрика за производство на минерални материи биле ангажирани вкупно 216 лица, два хеликоптери, еден армиски и еден полициски, 22 цистерни, 21 машина, како и осум виљушкари.
Меѓу другото, посочи дека како последица на вдишувањето на чадот вчера 22 пожарникари од тетовската противпожарна бригада побарале лекарска помош, но денеска се добро.
Во кругот на фабриката, односно неколку стотини метри од пожарот, посочи Ангелов, имало три големи цистерни со по шест тони метан, а во самата фабрика садови со метилен. Експлозијата што можела да се случи, според Ангелов, можела да го загрози животот на сите што биле во фабриката и кои го гаселе пожарот, но и на сите граѓани во околината.
„Од информациите што неофицијално ги имам, фабриката ги има сите потребни дозволи. Противпожарната заштита ја контролира ДЗС. Ваквиот пример покажа колку може да биде опасно, без разлика на почитување на сите стандарди, постоење на вакви големи садови – цистерни со запалива и експлозивна материја во непосредна близина на градот односно на градот“,
потенцира директорот на ЦУК.
Според првиот човек на ЦУК, проблем ќе настане летово доколку дојде до големи шумски пожари и посочи дека другите европски држави ова прашање го решаваат со доброволни противпожарни друштва. Како што додаде Ангелов, ЦУК во соработка со надлежните институции се обидува да го развие овој концепт, бидејќи нема ниту можност, ниту потреба да плаќа пожарникари кои би имале работа само во текот на летото.
За пожарникарите од Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Тетово, според Ангелов, потребни се нови лични заштитни опреми, плус 20 пожарникари, а имаат потреба од најмалку уште две нови навални возила, хемиско возило, автомеханички скали, уште најмалку 10 пумпи, хидраулична платформа, противпожарни возила за гасење шумски пожари, возила за технички интервенции, теренски возила, командни возила.
Ангелов информира дека во гасењето на пожарот во Тетово се ангажирани ТППЕ Тетово која употребила осум противпожарни и две технички возила, како и 60 пожарникари. Фирмата „Голекс транс“ помогнала со пет миксери и две пумпи за вода со голем домет, фирмата „Микре Бајта“ од Општина Желино помогнала со една цистерна од осум тони и со пет вработени лица, ЈК од Тетово со цистерна со шест вработени, приватната фирма „Стримница“ со една цистерна, три тешки градежни машини и 10 лица, додека фирмата каде што и се случи пожарот ангажирала 40 вработени и осум виљушкари, а „Булат транс“ од Тетово со четири градежни машини и осум лица.
Од другите општини, ТПЕ од Куманово со две возила и шест пожарникари, дополнително и со една цистерна со две лица од ЈК претпријатие Водовод – Куманово. Бригадата за Противпожарна заштита од Скопје со три возила и девет пожарникари, од Кавадарци три возила и седум пожарникари, од ТПП – Гостивар две возила и осум пожарникари, од Кичево едно возило и тројца пожарникари.
„Употребени се и еден хеликоптер на МВР, специјализиран со опрема за гаснење пожари со ведро од околу 1000 литри вода, еден армиски хеликоптер со ведро од околу два тона. Добиена е и помош од ‘ТАВ Македонија’ со цистерна со полнење со пена. Рафинеријата – Скопје помогна со специјализирана цистерна со пумпа со голем капацитет од осум тони за 45 секунди, ДЗП помогна со пет вработени од Тетово и пет од Гостивар со пумпи, четири специјализирани цистерни со можност за прскање со пена за хемиско гаснење од скопската ПП Бригада наполнети со раствор за хемиско гаснење на ваков вид пожар. Помогна и единицата на Армијата со 36 војници, а 80 биле во приправност, како и тимот за атомско – биолошка – хемиска одбрана, кој извршил мерење на загаденоста на воздухот“,
информира Ангелов.
Овој тим, како што нагласи Ангелов, влегол внатре во пожарот и го мерел чадот, со што е утврдено дека нема отровни гасови. Штетни гасови имало, потенцира Ангелов, но не и отровни гасови.