„Новороденото е префрлено на Клиниката за детска хирургија, каде што му била санирана повредата“, велат од ГАК
Според докторите, во лекувањето на пациентката биле вклучени повеќето од најискусните лекари на ЈЗУ УГАК – и од гинеколошки и од анестезиолошки профил, како и дежурните тимови
Акушерка на новороденче ненамерно му пресекла мал дел од палецот е едниот случај кој пред неколку дена се случил на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство (ГАК), а предизвика реакции во јавноста.
Вториот, пак, се однесува на пациентка која била примена на Клиниката, а која имала придружни здравствени проблеми поради кои бебето починало. Мајката починала после два месеца, како што соопштуваат од ГАК, по долга борба на докторите за нејзиниот живот.
„На одделот за новородени деца се случил немил настан, кога акушерка во текот на испис на новородено бебе ненамерно му пресекла мал дел од палецот“,
велат од ГАК.

Оттаму преку соопштение за јавноста посочуваат и дека дежурниот педијатар постапил максимално професионално и одговорно и веднаш е повикан детски хирург.
„Новороденото е префрлено на Клиниката за детска хирургија, каде што му била санирана повредата“,
додаваат од ГАК.
Акушерката била суспендирана, дадена на дисциплинска комисија и ѝ била изречена максимална казна според Законот за здравствена заштита, како и промена на работното место.
Што се однесува на другиот случај, од ГАК велат дека во август е примена пациентка која имала придружни здравствени проблеми поради кои бебето починало.
„Како последица на придружните болести, индицирано било завршување на бременоста со царски рез. За жал, постоперативно почнуваат серија последувателни компликации кои условувале повеќекратни хируршки ревизии. Во лекувањето на пациентката биле вклучени повеќето од најискусните лекари на ЈЗУ У ГАК – и од гинеколошки и од анестезиолошки профил, како и дежурните тимови. Тешките одлуки во врска со здравјето на пациентката се донесуваа конзилијарно од најискусните лекари, почитувајќи ги најсовремените медицински протоколи. За жал, и покрај речиси двомесечен интензивен ангажман и третман, пациентката подлегна на придружните компликации“,
објаснуваат од ГАК.
Од Клиниката велат и дека се чека потврда од обдукцискиот и од хистопатолошкиот наод, кои прецизно ќе дадат информации за состојбата на пациентката.
Во државата е формирано стручно тело кое ги испитува сите случаи со неповолен исход за бебето во утробата и за породени новородени со фатален исход.