Немам коментар, беше одговорот што го добивме од Насер Зибери и на прашањето дали е тој кадарот што ќе ја води Владата во стоте дена пред наредните парламентарни избори
Кандидатот на ДУИ за прв премиер Албанец, Насер Зибери, сè уште нема коментар за договорот за коалиција на интегративците со СДСМ, според кој, Зоран Заев би ја отстапил премиерската позиција на кадар на ДУИ сто дена пред следните избори. Денеска откако беше потврдено дека се надминати внатрепартиските недоразбирања во ДУИ, а со тоа се потврдени и ресорите и кандидатите за министри, „360 степени“ повторно го побара Зибери за да го праша за мислење за договорот Заев-Ахмети.
„Немам коментар. Извинете“,
повтори и денеска Насер Зибери по минатонеделната серија безуспешни обиди на медиумите да добијат негов став.
Истиот одговор го добивме и нашето прашање дали е тој кадарот што ќе ја води Владата во стоте дена пред наредните парламентарни избори.
*ПОВРЗАНА ВЕСТ: Артан Груби вели дека ДУИ има добри планови за Насер Зибери
За разлика од Насер Зибери кој останува мистичен за јавноста, неговиот внук, Арбен Зибери, кој е дел од пратеничката група на ДУИ, е меѓу „бунтовниците“ во партијата кои изминативе денови отворено застанаа против дел од кадровските решенија на Ахмети.
*ПОВРЗАНА ВЕСТ: (ВИДЕО) Пратеникот Зибери нервозно го напушти Собранието и удри во метална рампа
Еден ден пред најавеното доставување на предлог-составот на новата влада и програмата од мандатарот до парламентот, Арбен Зибери лично потврди дека несогласувањата во ДУИ се надминати.
Новинарско прашање: Дали ги надминавте разликите во партијата?
Арбен Зибери: Имаше дебати, ДУИ е демократска партија и нема никаков проблем. Денес продолжуваме со работата на Собранието и, како што сте информирани, денес на агендата е изборот на потпретседатели на Собранието.
Новинарско прашање: Дали ќе има промени во поделбата на ресорите?
Арбен Зибери: Не, нема да има!
Новинарско прашање: Дали ќе гласате за Венко Филипче за министер за здравство?
Арбен Зибери: Кога ќе дојде време да гласаме за владата, ќе се изјаснам.
Доколку мандатарот Заев утре на парламентот му ги достави предлог-составот и програмата за работа на новата влада, за предлогот би се дискутирало за време на викендот (29 и 30 август) веднаш по верскиот празник Успение на Пресвета Богородица, кој се одбележува в петок (28 август).
Деловникот на Собранието предвидува парламентарната дебата за новата влада да трае најмногу два дена, што значи дека Северна Македонија би можела да ја добие новата влада, со старите коалициски партнери, веќе од понеделник, 31 август.