Работна група ќе подготви законски регулативи за да се овозможи вишокот струја да се складира во т.н. „сториџи“. Од Македонската енергетска асоцијација предупредуваат дека со оглед што изминатата година се инсталирале електрани од обновливи избори со голема моќност, особено фотоволтаици, сега може да има проблем во преносниот систем и мрежа во државата
Во државата има „бум“ од производство на струја од обновливи извори на енергија, но допрва ќе се прави план и ќе се носат закони каде и како да се складира.
Министерот за економија Крешник Бектеши денеска повика оние што произведуваат да ги следат процедурите, за да нема преголемо производство од она што е потребно во моментов.
„Има ’бум‘ во производство на електрична енергија од обновливи извори во државата и сакам да ги повикам инвеститорите да ги следат сите процедури за да не дојде да имаме многу поголемо производство од потребите што ги има државата. Согласно Стратегијата за развој на енергетика, лимитирано е колкаво може да биде производството на електрична енергија од обновливи извори, посебно од фотонапонски, ветерници, биомаса итн.“,
вели Бектеши.
Тој денеска оствари со претседателите на Македонската енергетска асоцијација(МЕА), Кочо Анѓушев, и на Регулаторната комисија за енергетика(РКЕ), Марко Бислимоски, како и со претставници на МЕПСО и ЕВН, по што најавија ќе формираат работна група која ќе треба да подготви легислатива за да може да се складира вишокот произведена струја.
„Ќе биде формирана работна група во која ќе бидат вклучени претставници на сите релевантни институции и на МЕА кои ќе работат на изготвување на нова легислатива за можноста за складирање на електричната енергија од обновливи извори на енергија и од страна на државата и од страна на приватни инвеститори, имајќи ги предвид инвестициите коишто се реализираат и ќе се реализираат во наредниот период од обновливи извори на енергија посебно од фотонапонски централни“
кажа министерот Бектеши.
Од МЕА, пак, предупредуваат дека со оглед дека изминатата година се инсталирале електрани од обновливи избори со голема моќност, особено фотоволтаици, сега може да има проблем во преносниот систем и мрежа. Од тие причини, и од Асоцијацијата истакнуваат дека е потребно законски да се регулира и овозможи складирање на електричната енергија во т.н. „сториџи“.