Во 59. минута мечот беше прекинат, а околу 25 000 гледачи станаа од своите места за да им оддадат почит на 59-те жртви во трагедијата во Кочани
Македонската фудбалска репрезентација вечерва на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје одигра нерешено 1-1 против селекцијата на Велс, во вториот натпревар од квалификациите за Светското првенство во 2026 година.

Двата гола паднаа во судиското продолжение од натпреварот.
Поведе Македонија во 91. минута со голот на Бојан Миовски, што кај бројната публика ги подгреа надежите дека нашите најдобри фудбалери ќе дојдат до трите бода против фаворитот Велс.
Но, ваквите очекувања ги сруши Дејвид Брукс, кој во 96. минута го постигна израмнувачкиот гол за гостите кои од Скопје заминуваат со освоен бод.
Инаку, во првите 45 минути од мечот на теренот доминираа репрезентативците на Велс кои имаа неколку удари кон голот на Македонија, но нашите фудбалери успешно се бранеа.
Повеќе шанси за гол имаше во второто полувреме и на двете страни, но мрежите останаа да мируваат сè додека мечот не влезе во судиското продолжение.
Натпреварот започна со едноминутен молк во знак на почит кон загинатите во пожарот во Кочани, а македонските репрезентативци и овој меч го одиграа во темни дресови.
Во 59. минута мечот беше прекинат, а околу 25 000 гледачи повторно станаа од своите места за да им оддадат почит на 59-те жртвите во трагедијата што се случи на 16 март.

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) одлучи целиот приход од овој натпревар да биде дониран на семејствата на настраданите во пожарот.