Дука најави и дека меѓу мерките кои ќе се преземат ќе биде и мерење температура на секој што влегува во градот Дебар
По повеќе од еден и пол месец, во Дебар повторно се појави случај со ковид-19, информираше градоначалникот Хекуран Дука на прес-конференција денеска.
Станува збор за жена од селото Долно Косоврасти која синоќа околу 10 часот со висока температура била однесена во Општата болница во Дебар.
„Таа веднаш е третирана со адекватна терапија, изолирана и транспортирана во клиниката за анестезиологија и реанимација каде е земен брис и е утврдено дека е позитивна. Имала контакт со домашните, со тие што оделе да ја посетат дома и со медицинскиот персонал кој бил на дежурство. Така што, Дебар веќе не е зелена зона, има еден случај што се очекуваше“,
рече Дука.
Епидемиолог е веќе излезен на терен за да се детектираат контактите и да се стават во изолација, а во изолација ќе биде и медицинскиот персонал.
Дука најави и дека меѓу мерките кои ќе се преземат ќе биде и мерење температура на секој што влегува во градот Дебар. По жителите на селата Горно и Долно Косоврасти ги замоли да не доаѓаат без потреба во градот, ако имаат некоја обврска да одредат едно лице кое ќе го прави тоа или пак, тие како оперативен штаб ќе се организираат за им ги достават потребните работи.
Новиот случај во Дебар е регистриран после 50 дена ако се земе предвид дека пред пет дена вицепремиерот Бујар Османи објави дека оваа општина 45 дена нема нови случаи.
