Македонските членови не можат да прифатат политиката да биде водилка во работата на експертите и членовите во Комисијата да даваат изјави кои повеќе се одлика на лоши политичари отколку на членови на експертско тело, велат за „360 степени“ од македонскиот дел од историската комисија
Разликите меѓу двата тима се големи, коментираат за „360 степени“ од македонскиот дел од историската комисија со Бугарија откако копретседателите Ангел Димитров и Драги Ѓорѓиев соопштија дека не е постигнат напредок по дводневното онлајн-заседание.
„Бугарските колеги се обидуваат да го наметнат бугарскиот етнонационален и исклучив наратив како единствен кој треба да се изучува во учебниците во Северна Македонија. Поголем дел од бугарскиот тим во Комисијата нема чувство дека станува збор за образовен систем на друга држава и дека не може една држава да ѝ диктира на друга држава што ќе се изучува во училиштата во С Македонија“,
велат од македонскиот тим.

Оценката е дека „постојат големи разлики и во однос на улогата на политиката во историјата“ и дека „тоа пречи за постигнување напредок во Комисијата“.
„Македонските членови не можат да прифатат политиката да биде водилка во работата на експертите и членовите во Комисијата да даваат изјави кои повеќе се одлика на лоши политичари отколку на членови на експертско тело“,
коментираат од македонскиот дел од комисијата по сесијата што се одржа денеска и вчера.
Во однос на записниците, вели нашиот извори, „очигледно е дека постои селективно толкување на Договорот од Преспа кога станува збор за придавката ’македонски’“.