Скринингот се состои од две фази, едната е билатерален, другиот е објаснувачки, а очекувања се тој да заврши во ноември 2023 година
Во Брисел денеска официјално почнува скринингот за усогласеноста на македонското законодавство со она на Европската Унија. Скринигот практично е фаза на дијагноза до каде сме и што треба да правиме, вели вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и повикува дека сега е неопходно фокусот да се стави на градење на консензусот за продолжување на европските интеграции, градење на консензусот за уставните измени и на кој начин може и опозицијата да се вгради во процесот на преговори и процесот на евроинтеграција.
Скринингот се состои од две фази, едната е билатерален, другиот е објаснувачки.
„Првиот е практично воведниот и е објаснувачки што ние делумно го поминавме 2018 и 2019 година и практично сега не почнуваме од нула, туку продолжуваме каде што застанавме тогаш. Во објаснувачкиот скрининг се претставуваат актите и стандардите на ЕУ што ние треба да ги прифатиме за да станеме членка на ЕУ и сето она што е во изминативе три години ново како европска регулатива ќе ни биде претставено, презентирано во објаснувачкиот скрининг. Веднаш потоа ќе настапи билатералниот скрининг, дел од нив ќе течат и паралелно. Во билатералниот скрининг веќе ние имаме поголема улога, односно државите членки на ЕУ и Европската комисија ќе ни поставуваат прашања нас, а ние ќе презентираме колку сме усогласени во определени области, во сите области и колку време цениме дека ќе ни треба за да целосно се усогласиме“,
вели Маричиќ во интервју за МИА.
Според вицепремиерот, ние имаме некоја проценка дека досега сме усогласени околу 40 отсто, значи скоро половина, а тоа значи, вели, дека сме ги искористиле добро овие 17 години чекање за да ги почнеме преговорите и во некои области сме на исто ниво или на подобро ниво од државите кои веќе преговараат со години како Србија и Црна Гора.
Во однос на тоа дали се очекуваат потешкотии во некои области во усогласувањето на законодавството и каде имаме слабости, Маричиќ вели дека многу работа не очекува во вториот кластер – Внатрешниот пазар, а исто така и во првиот, којшто е најважен, а тоа се Темелните вредности.
„Кластерот Темелни вредности, прв се отвора, последен се затвора, отворен е низ целите преговори и напредокот во тој кластер го диктира напредокот во другите кластери. Но, мислам дека во Внатрешен пазар имаме многу работа и во конкурентност и иновации исто така, кај Зелената агенда, тоа е многу скап кластер што бара многу инвестирање во животната средина и технологии што се позитивни кон животната средина. Во кластерот Земјоделие таму имаме цел еден битен дел и за државна помош и за субвенции, но и за стандардите во земјоделието и мислам дека секаде имаме многу работа, но Внатрешен пазар ќе ни треба најмногу“,
оценуваМаричиќ.
Неговите очекувања се скринингот да заврши во ноември 2023 година.
Уставни измени
На прашањето кога очекува да почне процедурата за уставните измени, неопходни за отворање на кластерите, имајќи ја предвид и иницијативата за референдум од страна на ВМРО-ДПМНЕ за поништување на договорот со Бугарија, која, пак беше отфрлена од собранискиот спикер Талат Џафери, Маричиќ вели дека тоа воопшто нема да биде лесен процес и оти од нас зависи кога ќе продолжиме со евроинтегративниот процес.
„Ние имаме некој рок што сами си го зададовме заедно со планот за скрининг, а тоа е до крајот на скринингот, значи до ноември 2023, до крајот на идната година практично да ги комплетираме уставните измени и јас мислам дека ќе успееме во тој рок да ги комплетираме. Во однос на, тоа секако нема да биде воопшто лесен процес, но мислам дека секој пратеник и сите политички партии ќе бидат на висина на задачата затоа што сега од нас зависи кога ќе продолжиме. Нема веќе условувања или дополнителни нови услови од која било држава членка, вклучувајќи ја и Бугарија, туку јасно се дефинирани условите под кои ги водиме преговорите и под кои услови ќе го продолжиме после скринингот“,
рече Маричиќ.
Прашан како во практика ќе се одвива новата методологија на преговарање, кога ќе ги отвориме кластерите и кое е најоптимистичното сценарио да станеме членка, Маричиќ вели дека клучно за ова се реформите, но и желбата на ЕУ.
„Многу е неблагодарно од сега да се предвидува. Тоа ниту една држава не можела да го предвиди и не го знаела од почетокот на преговорите. Еве во Хрватска за датум за пристапување почнало да се разговара некои шест месеци пред да се затворат преговорите, а тие траеја шест години. Меѓутоа, ние ако го завршиме скринингот за година и половина и доколку не губиме време, доколку имаме добро темпо на реформи, бидејќи тоа е клучното, не само билатералните прашања. Тие мислам ние и во голема мера ги имаме завршено“,
рече Маричиќ.
Северна Македонија доби едногласна одлука за почеток на преговори уште во март 2020 година, но Бугарија го блокираше нивното отпочнување поради билатерални историски и јазични прашања. По прифаќањето на предлогот на француското претседателство со ЕУ и по потпишувањето на билатералниот Протокол на 17 јули 2022 година од страна на шефовите на дипломатиите на Северна Македонија и Бугарија, Бујар Османи и Теодора Генчовска, е усвоена и Преговарачката рамка од страна на Советот на ЕУ. На 19 јули се одржа и Меѓувладината конференција на политички состанок помеѓу ЕУ и Северна Македонија, а веднаш беше означен и почетокот на скрининг процесот со првите општи напомени за неговиот тек и нацрт Календар.
Денеска почнува објаснувачкиот скрининг за Поглавје 5, Јавни набавки. Македонската делегација ја преводи вицепремиерот и главен преговарач Маричиќ, дел од делегацијата е и државната секретарка во СЕП и заменик на главниот преговарач Дрита Абдиу Халили, а исто така во делегацијата се вклучени и претставници од надлежните институции и од Секретаријат за европски прашања.
Од 15 до 27 септември 2022 година ќе се одвиваат состаноци за областите и поглавјата од Кластерот Фундаментални вредности, кога Комисијата ќе го презентира новото законодавство за овие области. Сите состаноци се одржуваат во Брисел, освен за Поглавјето 18 Статистика во Луксембург.