Во ковид-центрите низ цела држава во моментов се лекуваат 1 289 пациенти и има околу 300 слободни кревети, покажува денешниот пресек на Министерството за здравство.
Каква е состојбата во Скопје?
Од хоспитализираните, 543 се во Скопје од кои 84 се примени само во последните 24 часа. Дома се пуштени, пак, 56 излекувани.
Во моментов во ковид-центрите на интерните и хируршките клиники во главниот град се лекуваат 255 пациенти. На Инфективната клиника се хоспитализирани 133, а во Градската општа болница „8 септември“ 114.
На Детската болница во Козле се лекуваат 34, а на Клиниката за гинекологија има седум позитивни пациентки.
Од внатрешноста, прилепската и кумановската болница со најмногу пациенти
Во ковид-одделите во останатите градови, пак, вкупно се лекуваат 746 пациенти позитивни или суспектни на коронавирусот.
Според извештајот од болниците, најмногу се хоспитализирани во Прилеп – 117 и во Куманово – 108.
Во болниците во останатите градови состојбата е следна: Охрид 92, Битола 78, Кавадарци 70, Велес 65, Штип 56, Струмица 45, Тетово 30, Гостивар 30, Струга 20, Гевгелија 17, Кичево 10 и Кочани 8 пациенти.