Средбата е во организација на германските министри за надворешни работи и за Европа, Хајко Мас и Михаел Рот
Актуелниот претседавач со Советот на ЕУ – Германија, се вклучи директно како олеснувач во дијалогот меѓу Северна Македонија и Бугарија.
На покана на германските министри за надворешни работи и за Европа, Хајко Мас и Михаел Рот, денеска доцна попладне во Берлин се одржува состанок на кој, покрај домаќините, присуствуваат македонските министри Никола Димитров и Бујар Османи и шефицата на бугарската дипломатија, Екатерина Захариева, дознава „360 степени“.

Средбата е обид на Германија за изнаоѓање компромисно решение за бугарските позиции во однос на предлог-преговарачката рамка подготвена од актуелниот претседавач со Советот на ЕУ. Германија посакува успех и одржување на првата Меѓувладина конференција ЕУ-Северна Македонија во декември годинава, вели нашиот извор.
За тоа да се случи, веќе наредната недела, во вторник, 10 ноември, министрите за европски прашања на земјите членки на ЕУ треба да ја усвојат преговарачката рамка за Северна Македонија. Министерката Захариева неодамна изјави дека Бугарија не е во можност да даде согласност за предлог-рамката што сега е на маса.
Досега беше јавно познато дека дипломатски тимови од двете страни, на пониско ниво, комуницираат на дневно ниво. Османи пред неколку дена најави средба со Захариева, но рече дека се бара соодветен формат.