Албанската влада објави дека првата група евакуирани бегалци од Авганистан пристигнале синоќа во земјата.
Владиниот портпарол го потврди доаѓањето на Авганистанците во Тирана, без да даде повеќе детали. Тој рече дека пристигнале 171 бегалец.
Мажи, жени, деца и стари лица при пристигнувањето се тестирани за коронавирус, а по регистрацијата се префрлени во хотели, соопштија албанските власти.
Албанија и Македонија се меѓу првите земји што понудија привремено прифаќање евакуирани Авганистанци, откако талибанските екстремисти ја презедоа власта во Авганистан.
Владата соопшти дека Авганистанците можат да останат во Албанија најмалку една година, период за кој ќе аплицираат за специјални американски визи.
Премиерот Еди Рама вчера рече дека Албанија може да прифати до 4 000 Авганистанци.
Пред извесно време и премиерот Зоран Заев рече дека Македонија ќе згрижи 780 бегалци од Авганистан.
Тој нагласи дека тие ќе бидат во земјава 90 дена, додека трошоците за нивно сместување ќе ги покријат меѓународни хуманитарни организации и Соединетите Американски Држави.
