Според претседателот на ДИК, стигнати се неколку приговори, а во однос на решенијата за уверение за завршени избори кажа дека тие ќе бидат издадени десет дена по завршувањето на изборите
Во 99 отсто од избирачките места, уредите за отчитување отпечаток од прст работеа добро, рече претседателот на ДИК, Александар Даштевски во вечерашното гостување во дневникот на ТВ Сител.
Тој вели дека затоа биле донесени само шест решенија со коишто се преминува на класично гласање и главно станувало збор за планински места.
Тој истакна и дека до ДИК се стигнати неколку приговори, а во однос на решенијата за уверение за завршени избори кажа дека тие ќе бидат издадени десет дена по завршувањето на изборите.
„Овие избори се најголеми избори досега, потрошени се 60 тона хартија и испринтани се 45 милиони ливчиња и затоа беа многу тешки да се спроведат“,
рече претседателот на ДИК.
На денот на изборите, како што е познато, на повеќе избирачки места се создаде метеж, а тогаш објаснувањето од ДИК беше оти тоа е од три причини. Прво, тоа што избирачкиот список за овие избори имал дупло повеќе страници и пребарувањето одело тешко, второ – лошиот квалитет на една четвртина од отпечатоците за прсти и трето – ковид-протоколите.