Состојбата го Градската општа болница „8 Септември“ е под контрола и работи со полн капацитет, изјави денеска директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат Иринка Бухова- Сотирова по информациите дека се зголемува на бројот на заразени вработени со коронавирус.
Таа потврди дека таму има 20-ина лица – доктори, сестри и технички персонал кои затоа што имале контакт со заболен од ковид-19 се во домашна изолација, но рече дека болницата работи со полн капацитет со свој персонал и со помош од други клиники.
Бројот за заболени е 16.
Министерот Венко Филипче пак, на прес -конференција соопшти дека од понеделник десет лекари од државата и од клиниките, кои што имаат соодветна експертиза во областа на интерната медицина, пред се пулмологијата, како и десетина медицински сестри, ќе се приклучат на тимовите на Инфективната клиника и во болницата „8-ми Септември.

На новинарско прашање дали се работи за пренос на заразата меѓу вработените, Бухова-Сотирова рече дека првите две позитивни медицински лица врз основа на епидемиолошките анкети се заразиле однадвор, додека останатите вработени кои се во изолација се врз основа на контакти.
