Од Јавната здравствена установа „Здравствен дом“ – Скопје известуваат дека нивната служба за Итна медицинска помош со домашно лекување за време на новогодишните празници 24 часа ќе им биде на располагање на граѓаните и ќе се грижи за нивната здравствена состојба
Умерено консумирање алкохолни пијалаци и воздржување од користење пиротехнички средства и оружје, препорачуваат здравствените работници пред новогодишните и божиќните празници. Од ЈЗУ „Здравствен дом“ – Скопје во изјавата за МИА дополнително ги потсетуваат хронично болните редовно да ја земаат пропишаната терапија.
Овие совети и препораки, како што велат оттаму, се со цел граѓаните претстојните празници да поминат без алкохолни труења, тепачки и сообраќајни незгоди.
Посебен апел здравствените работници упатуваат до младата и малолетна популација воопшто да не консумира алкохолни пијалаци бидејќи прагот на толеранција на алкохол на младиот организам е низок и многу лесно може да дојде до труење.
И препораката за воздржување од користење разни пиротехнички средства и огнострелно оружје, исто така, особено се однесува младата популација, за да се избегнат несакани повреди, изгореници и други потешки последици.
„Се надеваме на беспрекорно почитување и придржување кон дадените препораки, како би можеле новогодишните празници да ги дочекаме во весело и пријатно расположение за сите“,
велат од „Здравствен дом“ – Скопје апелирајќи да се повика Итна медицинска помош кога е најпотребно.
Од Јавната здравствена установа „Здравствен дом“ – Скопје известуваат дека нивната служба за Итна медицинска помош со домашно лекување за време на новогодишните празници 24 часа ќе им биде на располагање на граѓаните и ќе се грижи за нивната здравствена состојба.
На новогодишната ноќ (31 декември 2024 – 1 јануари 2025 година), достапни ќе бидат дежурните ординации за здравствена заштита во трета смена, недела и празници во поликлиниките „Јане Сандански“, „Чаир“, „Ченто“, Шуто Оризари“, „Ѓорче Петров“, „Драчево“ и „Бит-пазар“.
Со секојдневно работно време ќе функционира и единицата за домашна посета.