Пратеникот на ВМРО-Народна, Љупчо Балкоски рече дека причините за ваквата одлука на партијата се непостоење на точна и јасна организација и усогласеност на Владата во потребниот број и начинот на законските измени
И покрај највата дека ќе гласаат „против“ за петте предлог-закони со европско знаменце, а поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10-д, Балкоски вели дека ВМРО-Народна партија остануваат во владината коалиција и посочи дека најзначајна работа во следниот период се уставните измени

ВМРО-Народна партија ќе гласа „против“ петте предлог-закони со европско знаме поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10-д, кои поминаа на Комисијата за европски прашања, информираше на денешната прес-конференција пратеникот на оваа партија, Љупчо Балкоски.
Причините за ваквата одлука на партијата, Балкоски рече дека се непостоење на точна и јасна организација и усогласеност на Владата во потребниот број и начинот на законските измени.
„Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер е донесен на 17.07.2021 година со што е утврден стратешкиот партнер. На 10.04.2023 година Собранието ја усвои потребата за донесување на осум предлог-закони предложени од пратеници по скратена постапка. Еден предлог-закон, деветиот, беше доставен, но пред седницата беше повлечен. Од осумтте предлог-закони, оној за изменување на законот за минерални суровини се разгледа на матичната комисија за економски прашања, додека останатите седум предлог-закони беа повлечени и Владата предложи пет предлог-закони со ознака на европско знаме за кои забелешки има и од Европската комисија и од ЕУ кои Владата не ги прифаќа“,
рече Балкоски.
Тој додаде дека ВМРО-Народна партија уште при донесувањето на основниот закон во 2021 година реагирала со амандмани кои биле одбиени, а кои се однесувале на членовите од договорот со кои се исклучува примената на законите во целост или делумно и со тоа ги потенцираше сите проблеми што сега се отвораат при реализција на договорот.
Балкоски рече дека ги поддржуваат програмите на Владата за изградба на инфраструктурни проекти, но посочи дека не го поддржуват начинот на кој ќе се гради.
Според Балкоски, со донесувањето на овие предлог-закони се исклучува примената на правниот и финансискиот систем во државата, се доведува во прашање значењето и важноста на основниот закон за определување на стратешкиот партнер, особено што се менуваат суштински членови и се исклучува обезбедувањето на еднакви законски одредби и услови за изведувачите на големи градежни работи, почитувањето на правата на работниците кои ќе работат на проектите и заштита на животната средина.
„Законите не треба да се менуваат за поединечни случаи како што се прави со овие предлог закони каде што измените се вршат заради претходно потпишан договор со изведувач. Најскапиот проект во државата ќе се реализира според правната регулатива не со закон туку со правилник, односно не со урбанистички план туку со урбанистички проект. Во изработката на урбанистички план со доставување на податоци учествуваат Министерствата за култура, за земјоделие, екологија и други институции и правни лица каде што податоците се составен дел на документационата основа на урбанистичкиот план“,
рече Балкоски.
Според него со урбанистичкиот проект се постигнува само побрзо започнување со градење, но додава оти проблемите ќе настанат во текот на градењето.
„Тогаш без урбанистички план со скратување на законските постапки во законот за градење работите ќе се решаваат на лице место со застој во изведбата, со многу непредвидени работи кои ќе значат и ново поскапување на целиот проект“,
рече Балкоски.
Тој додаде дека предлозите и констатациите кои ги даваат се со цел комплетирање на проектот, а со ангажманот на светскиот градежен гигант „Бехтел и Енка“, нивното искуство, стручно и професионално работење и градење, овие патишта да се започнат, да се завршат, да се одржуваат и да се користат во системот на европските патни мрежи.
„Повторно доставуваме предлог до Владата и истовремено ја охрабруваме да донесе Одлука за изградба на автопатско решение на комплетниот Коридор 8 – од Куманово до ГП ‘Деве Баир’, затоа што предлог-законот го дефинира само делот од Тетово до ГП ‘Ќафасан’, а не целиот Коридор 8 и изградба на автопатско решение на комплетниот Коридор 10-д, од Велес – Прилеп – Битола до ГП ‘Меџитлија’. На ваков начин ќе добиеме целосно решение наспроти сегашното парцтијално решение“,
рече Балкоски.
Тој, исто така, најави дека како член на собраниската Комисија за транспорт, врски, екологија, ќе поднесе барање до Владата за доставување на тримесечни извештаи од надзорот на изведбата на автопатите за текот на реализацијата на проектите почнувајќи од 4 април 2023 година, кога свечено беше поставен камен-темелник на изградбата на коридорот 8, затоа што, како што рече, основниот предлог закон беше предложен од пратеници и усвоен од Собранието, а не од владата.
„На тој начин ќе се постигне поголема транспарентност на процесот на изградба на делот од коридорите 8 и 10-д“,
рече Балкоски.
И покрај гласањето „против“ петте предлог-закони со европско знаменце поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10-д, Балкоски вели дека ВМРО-Народна партија остануваат во владината коалиција и посочи дека најзначајна работа во следниот период ќе бидат уставните измени.
„Што се однесува до проблемите во коалицијата, мислам дека сега во овој период најзначајна работа ни се уставните измени, да видиме тие какви ќе бидат, какви ќе бидат амандманите што ќе се предложат од Комисијата. Има начин да разговараме и за уставните измени, меѓутоа и за сите проблеми што постојат во функционирањето на Владата“,
рече Балкоски додавајќи дека секогаш ќе ги кажуваат нивните ставови.