Оттаму сметаат дека се потребни дополнителни законски измени што ќе предвидат воведување механизам за поголеми казни за можни злоупотреби на патните трошоци и воведување ограничување со кое пратениците што имаат станови во Скопје нема да имаат основа за наплата на патни трошоци
Ја поддржавме иницијативата во македонското Собрание преку законски измени да се намалат патните трошоци на пратениците, соопштија денеска од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) коментирајќи ја денешната собраниска седница на која не помина предлог-законот на пратеничката група на Левица за ограничување на патните трошоци за пратениците.

„ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ‘Вреди‘ не се откажуваат од патните трошоци додека граѓаните едвај врзуваат крај со крај, власта со го покажа вистинското лице“,
велат од СДСМ.
Оттаму посочија дека уште во 2018 година кога биле на власт на иницијатива на нивната пратеничка група беа поднесени и донесени законски измени со кои патните трошоци се намалија за најмалку една третина.
„Нашиот пристап кон ова прашање секогаш бил принципиелен и одговорен, а не популистички“,
се вели во соопштението од опозициската партија.
Сметаат дека се потребни дополнителни законски измени кои ќе предвидат воведување механизам за поголеми казни за можни злоупотреби на патните трошоци и воведување ограничување со кое пратениците што имаат станови во Скопје нема да имаат основа за наплата на патни трошоци.
На денешната собраниска седница не помина предлог-законот на пратеничката група на Левица за ограничување на патните трошоци за пратениците.
Веднаш по гласањето на социјалните мрежи се огласи лидерот на Левица, Димитар Апасиев, кој напиша дека пратениците од власта не го изгласаа предлог-законот за намалување на патните трошоци на пратениците.
„Честито нови милиони евра, колеги патриоти. Со здравје да си ги трошите“,
рече тој.
Според предлогот на Левица, патните трошоци треба да се пресметуваат спрема пазарната цена на 6,5 литри на секои изминати 100 километри. Останува во сила актуелниот Закон кој предвидува надоместок за користење автомобил во лична сопственост за службени цели во висина од 20 отсто од продажната цена на еден литар гориво, според изминатиот километар.