ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека премиерот Димитар Ковачевски е виновник поради кој народот ќе плаќа поскапо парно и струја.
Вчерашната одлука на Регулаторна, со која парното поскапува за 14,18 проценти, според опозицијата е резултат на тоа што премиерот не успеал да обезбеди евтин енергенс.
„Со одлука на РКЕ на Марко Бислимоски, поради неспособноста и криминогеноста на Ковачевски, парното поскапува за 15%. Со тоа домаќинствата со двособен стан ќе плаќаат над 300 денари повеќе секој месец за затоплување на нивните домови. Ковачевски не обезбеди евтин енергенс, како што тоа го направија другите европски држави. Претходно пред само еден месец заради истите причини се покачи цената на струјата, за околу 18% за најголемиот број домаќинства, и 138% за тие кои се греат на струја. Заради Ковачевски секое нормално домаќинство плаќа скоро 1 000 денари повеќе за струја, а тие што се греат на струја допрва ги очекува шок за време на грејната сезона. Струјата, исто како и парното поскапи, затоа што власта е неспособна и краде“,
реагираат од ВМРО-ДПМНЕ, според кои и снабденоста со струја е под знак прашалник.
Вчера, првиот човек на Регулаторна, Марко Бислимоски, објави дека парното поскапува за 14,18 проценти. За една просечна сметка од 1 800 денари, тоа значи зголемен трошок од 250 денари, посочи Бислимоски, според кого, причината за поскпувањата е цената на природниот гас.
Инаку, во пресрет на претстојната зима за која се вели дека ќе биде најтешка во последните децении, надлежните институции уверуваат дека ќе има доволни количини на јаглен и мазут за домашните енергетски капацитети да можат да ја произведат потребната електрична енергија.