Од опозициската партија велат дека не е доволно министерот за здравство да предложи своја оставка, туку дека оставка треба да поднесе и претседателот на Владата
ВМРО-ДПМНЕ реагира и вечерва за отсуството на премиерот Зоран Заев од јавноста, по трагедијата во Тетово. Од опозициската партија велат дека не е доволно министерот за здравство да предложи своја оставка, туку дека оставка треба да поднесе и претседателот на Владата.
„Има ли земјава премиер, три дена го нема и бега од одговорност? Не е доволно што Филипче дава предлог за своја оставка. Треба Заев веднаш да ја прифати и веднаш потоа и самиот да си поднесе оставка. Само кога Филипче, Груби и Заев нема да бидат на функции ќе може да се изврши непристрасна и реална истрага која ќе даде одговор за виновникот за траорната несреќа во Тетово. Заев колку и да се криеш, не можеш да избегнеш од одговорноста за сите загубени животи. Моралната одговорност мора да биде императив за секој политичар“,
се наведува во вечерашното соопштение на опозициската партија.
Заев денеска, во писменото обраќање до јавност, посочи дека за поднесените оставки ќе одлучува врз основа на фактите од истрагата.
Пред министерот за здравство Венко Филипче, вчера оставка поднел неговиот заменик Илир Хасани. Заменик-министерот за здравство за потег овој информираше преку Фејсбук, каде што не посочи каде ја поднел оставката, односно дали и тој ја доставил кај Заев или до Собранието, кое, на предлог на премиерот, одлучува за избор и разрешувања на членови на Владата.