Зоран Заев и Венко Филипче се најповикани за случајот во Тетово каде што изгоре модуларната болница. Засега никој не одговара, ниту не презема одговорност, ниту дава точни одговори, рече на денешната прес-конференција, Игор Николов, претседател на Комисија за здравство на ВМРО-ДПМНЕ и побара оставки.
„Надлежните не покажаа ниту тронка морал, ниту тронка доблест. Се уверивме дека за нив човечкиот живот не значи ништо, а одговорност е мисловна именка. За нив ништо не значат човечките животи, не чувствуваат морална одговорност, оставки не даваат, освен што играат во ПР орото на Зоран Заев. Граѓаните имаат право да знаат, а одговорните мора да дадат одговори наместо да молчат… Оставките се доблест! На потег е Зоран Заев и Венко Филипче за доброто на народот и за доброто на системот“,
порача Николов.
Николов рече дека поминаа десет дена откако изгоре модуларната болница во Тетово, а се уште не се знаат детали за трагедијата.
„Прво, како се градени модуларните болници, од каков материјал и на кој начин? Второ, дали министерството за здравство побарало и наложило спецификации и соодветни стандарди за градба на модуларните бараки? Стандарди според кои во нив ќе можат да се лекуваат пациенти и по 24 часа во текот на денот, во услови во ваква модуларна градба. Трето, колку е платено за нивната изградба и дали тоа соодветствува на добиениот производ? Четврто, зошто немало противпожарни апарати и систем за противпожарна заштита? Петто, дали е нормално здравствена заштита во состојба на епидемија во инфективна болница да даваат членови на семејства на пациентите? Каде да пријават тие кои што тврдат дека им е барано мито? И дали е барано мито за нега и грижа за болните? Кој од власта се заканува на роднините на жртвите од несреќата и ги опоменува и им сугерира и кажува што да сведочат? И последно, што треба дополнително да се случи за да Зоран Заев и Филипче поднесат оставки и ја ослободат истрагата? Едноставно е, и тоа го знае секој оној кој има малце морал и малце чувство на одговорност фотелјите на Зоран Заев и Филипче не се поважни од вистината“,
рече Николов.