Демократскиот сојуз денеска, по седницата на Претседателството и Централниот совет, донесе одлука да не ја поддржи реконструкцијата на Владата и да го напушти парламентарното мнозинство, соопшти на прес-конференција партискиот лидер Павле Трајанов
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја поздрави одлуката на Демократскиот сојуз (ДС) да не ја поддржи реконструкцијата на Владата и да го напушти владиното мнозинство и ги повика другите партии од владината коалиција да го направат истото.
„Со Ахмети и слугата Ковачевски нема иднина. Сите бегаат од бродот кој тоне. Прво беше Алтернатива, а сега Демократскиот сојуз. Ја поздравуваме одлуката на Демократскиот сојуз да излезе од Ви ги охрабруваме другите партии да го следат таквиот пример и да не се соучесници во неспособниот систем кој ја распаѓа државата. Таквата одлука е потврда дека на рати се распаѓа владината коалиција, за на крај да се заокружи и остане само ‘Пазар 3’ коалицијата составена само од партиите обединети за тендери и криминал. Таквиот пакет групно ќе биде убедливо поразен на избори. Ако власта се одржува со тендери и криминал, на избори народот не се купува со криминал и тендери и тие ќе бидат поразени“,
соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Демократскиот сојуз денеска, по седницата на Претседателството и Централниот совет, донесе одлука да не ја поддржи реконструкцијата на Владата и да го напушти парламентарното мнозинство, соопшти на прес-конференција партискиот лидер Павле Трајанов. Одлуката за ваквиот чекор, како што рече Трајанов, е неисполнување на програмските цели утврдени и усогласени со СДСМ пред изборите во 2020 година.
Во неделата вечерта и Алтернатива соопшти дека ја напушта владината коалиција и дека нејзините тројца пратеници во парламентот ќе дејствуваат како опозиција, откако претходно премиерот Димитар Ковачевски до Собранието достави предлог за разрешување на тројцата министри и двајцата заменик-министри од редовите на Алтернатива, чие место ќе биде пополнето со кадри на новиот владин партнер Алијанса за Албанците.