ВМРО-ДПМНЕ в сабота ќе излезе на нов протест против, како што најавуваат, неправди, реваншизам и политичко насилство.
Ова е втор протест на оваа тема, откако претходниот го одржаа пред една недела. За разлика од минатиот, кога маршираа од Министерството за правда до Основниот кривичен суд во Скопје, в сабота протестот ќе заврши пред Основното јавно обвинителство.
Мафија на власт, колку повеќе тоне во својот криминал и корупција, толку повеќе удира по својот народ и политичките неистомисленици. Оваа власт во недостаток на успеси и во услови на секојдневни порази на секое поле, сè повеќе се врти кон политички прогон и застрашување.
„Министерот за неправда наместо да прави реформи, јавно се заканува и им прејудицира казни на сите што не мислат како Заев. Тоа е таа Заев неправда по рецептот јавно да се најавуваат пресудите и од страна на Заев и од страна на министер за правда и од страна на обвинители и судии. Мафијата работи по принципот – мафија те тужи, мафија те суди“,
пишува во најавното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.
Почетокот на протестот е закажан во 18:30 часот.

ВМРО-ДПМНЕ досега организираше неколку тематски протести.
Првиот протест по формирањето на новата влада опозицијата го започна на 9 септември. Со марш од пред Министерството за правда до Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), партијата протестираше против поскапувањето на струјата.
Исто така, за струјата, ВМРО-ДПМНЕ организираше уште два протести (на 11 и на 17 септември), но на нив со автомобили го блокираа сообраќајот околу просториите на РКЕ.
- Заврши протестот на ВМРО-ДПМНЕ за струјата
- ВМРО-ДПМНЕ на трет протест за струјата: Јанушев залепи транспарент „Оставка“ на вратите на Регулаторна
ВМРО-ДПМНЕ и нејзините поддржувачи минатата недела (15 септември) одржаа протестен марш кој го наслови „За ЕУ, за Гоце Делчев и за Македонија“. И тој протест започна пред Министерството за правда, а заврши пред Министерството за надворешни работи каде што толпата стигна движејќи се преку мостот „Гоце Делчев“.
На 23 септември, пак, се одржа протестот против неправдите, реваншизмот и политичкото насилство.