Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека околу 180 илјади евра ќе се потрошат за привремени партиски вработувања во Општина Ѓорче Петров.
Според нив, наместо за вработувања, парите треба да се насочат за справување со корона-кризата.
„Крајно расипнички и недомаќински, а и опасно по животот на граѓаните е да потпишувате договори за привремени вработувања од скоро 11 милиони денари за вработување на партиски пајташи на СДСМ кога во буџетот на државата ви недостасуваат над 2 милијарди евра, а во исто време 15.000 угостители да останат без работа, редиците за одјава пред агенцијата за вработување се се поголеми, а бројката на вкупно загубените работни места да биде скоро 160 000 луѓе“,
вели Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, во исто време се трошат 15 милиони денари за привремени вработувања во Општина Гази Баба, скоро 24 милиони денари во Општина Бутел, а ЈП „Водовод“-Куманово, градот кој е жариште на коронавирусот, ќе потроши 7,5 милиони денари на вработувања.
„Само во овие четири општини СДСМ за вработување на свои партиски војници ќе потроши скоро 57 милиони денари. За таа цел, сметаме дека овие набавки се комплетно недомаќински и бараме апсолутно да се укинат и средствата да се пренаменат во можности за справување со коронавирусот. Александар Наумоски, доколку им мисли добро на ѓорчепетровци, треба веднаш да го раскине овој договор и сите 10 999 960 денари, до денар, да ги пренамени во борбата против коронавирусот“,
додава Стојаноски.