Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека постои основано сомнение дека М-НАВ направила малверзации со потпишувањето на договорот за обезбедување со кичевската агенција „2 СС“
„360 степени“ во магазинското издание на емисијата, емитувано на 18 јануари 2024 година, веќе објави дека минатата недела на порталот на Бирото за јавни набавки е објавен новиот договор за обезбедување на зградата на М-НАВ склучен меѓу акционерското друштво во државна сопственост и фирмата „2 СС“. На Договорот пишува дека е склучен на 29 декември 2023 година, односно една недела пред критичниот настан

Наместо да ја „откачи“, власта ја наградува со нов договор агенцијата за обезбедување која го дозволи упадот во М-НАВ, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Вредностите на квазиевропскиот фронт на ДУИ и СДС на дело се видоа со скандалот со упадот во М-НАВ. Не само што загрозија меѓународен воздушен сообраќај, не само што беше извршено физичко насилство во контролна кула, туку од петни жили се правело се овој случај да се забошоти и прикрие“,
наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ во денешното соопштение.
Според ВМРО-ДПМНЕ наместо агенцијата „2СС“, која го обезбедувала објектот, да добива продолжување на договорот, во нормална европска држава би ѝ се заблагодариле и би била предмет на истрага.
„Но, веројатно се работи за блиска фирма до власта, па така ништо европски не се случи, туку напротив кичевската фирма доби нов договор за ‘успешната досегашна соработка’. Дали новиот договор е благодарност поради тоа што им овозможила на Незири и групата да влезат во контролната кула?“,
прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ во соопштението.
Дополнително, додаваат оттаму, постои основано сомнение дека М-НАВ направила малверзации со потпишувањето на договорот за обезбедување со кичевската агенција „2 СС“.
„Имено, според првичните информации во јавноста, оваа агенција во време на инцидентот имала истечен договор, за потоа согласно документациите кои се достапни новиот договор да биде потпишан на 29 декември 2023 година во истиот ден кога се отвораат понудите. Народот вели ‘кај што има чад, има и оган’. Вистината се кажува едноставно, а малверзациите се секогаш комплицирани. А во случајот и М-НАВ и Владата и СДС и ДУИ со секој коментар за овој скандал уште повеќе се заплеткуваат“,
додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„360 степени“ во магазинското издание на емисијата емитувано на 18 јануари 2024 година веќе објави дека минатата недела на порталот на Бирото за јавни набавки е објавен новиот договор за обезбедување на зградата на М-НАВ склучен меѓу акционерското друштво во државна сопственост и фирмата „2 СС“. На Договорот пишува дека е склучен на 29 декември 2023 година, односно една недела пред критичниот настан.
Според системот за јавни набавки, на 29 декември 2023 година, М-НАВ носи одлука за избор на најповолен понудувач за тендерот за обезбедување. А тој чекор, изборот на најповолна понуда, вообичаено се случува барем неколку дена пред потпишувањето договор.
За тоа како е можно токму за обезбедувањето во ист ден и да избрале најповолна понуда и да потпишале договор од М-НАВ одговорија дека одлуката за избор и договорот е потпишан согласно одредбите од Законот за јавни набавки.
Од М-НАВ негираат дека го антидатирале договорот. Тврдат дека сè е според законските акти за архивско работење.