На два дена пред вториот изборен круг, во кој во градоначалничката трка за Скопје ќе се соочат Арсовска и Шилегов, од опозициската партија не кажуваат ниту кога би се одржала конститутивната седница на скопскиот Совет, ниту кој би бил новиот претседавач, односно дали тоа би бил советник од ВМРО-ДПМНЕ
ВМРО-ДПМНЕ објави претпладнево дека има мнозинство во новиот скопски Совет, без да посочи кои политички субјекти би биле „власт“ во Градското собрание.
На два дена пред вториот изборен круг, во кој во градоначалничката трка за Скопје ќе се соочат Данела Арсовска, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, и Петре Шилегов од СДСМ, од опозициската партија не кажуваат ниту кога би се одржала конститутивната седница на Советот на град Скопје и кој би бил новиот претседавач на Советот, односно дали тоа би бил советник од ВМРО-ДПМНЕ.
Според соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, новото мнозинство брои 24 од вкупно 45 советници, колку што брои Советот на град Скопје.
„Ја известуваме јавноста дека досегашната парламентарна опозиција во македонското Собрание, преку освоените советници во град Скопје на последните локални избори 2021, обезбеди апсолутно мнозинство од 24 советници од вкупниот број на 45 советници во Советот на град Скопје. Новото градско мнозинство ќе функционира по принципот на конкретна соработка на точно одредени програмски проекти кои се во јавен интерес на народот и исклучиво за доброто на локалните жители и на месното население. Со ова, обзнануваме дека актуелната владина коалицијата на СДС и ДУИ ќе биде опозиција во градот Скопје“,
се наведува во соопштението што го испрати ВМРО-ДПМНЕ во име на, како што се наведува, мнозинството советници во Советот на град Скопје.
ВМРО-ДПМНЕ освои 18 советнички места во Советот на Скопје, на гласањето на 17 октомври, односно шест мандати повеќе од СДСМ, кој досега го предводеше мнозинството во градскиот Совет.
Од ВМРО-ДПМНЕ неофицијално велат за „360 степени“ дека вториот партнер во Советот е Алијансата за Албанците, која е во коалиција со Алтернатива. Од друга страна, од опозициската партија не сакаат да го откријат потенцијалниот трет партнер.
Алијансата, која соработува со ВМРО-ДПМНЕ на овие локални избори, освои две советнички места во Скопје, со што опозицискиот блок стигнува до 20 мандати. Четири мандати во Советот има опозициската Левица, со што би се дошло до бројка од 24 советници, колку што ВМРО-ДПМНЕ тврди дека ќе брои новото мнозинство.
Меѓутоа, засега нема официјална потврда од ВМРО-ДПМНЕ дека Левица е „третиот“ партнер кој би бил дел од скопското мнозинство. Од Левица вчера соопштија дека одбиваат каква било формална коалиција со кој било друг политички субјект – било од власта, било од опозицијата. Во оние општини, каде што двете најголеми партии – СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ имаат апсолутно мнозинство во советите, Левица вели дека ќе дејствува како опозиција. Но, во конкретни општини, каде што мнозинството на досегашните опозициски партии ќе зависи од советниците на Левица, како што објаснуваат од раководството на партијата, тие се спремни да дадат условена поддршка.
„Во конкретни општини и во градот Скопје, каде што мнозинството на досегашната парламентарна опозиција во локалните совети зависи од нашите советници, постои теоретска и практична можност за малцинска, т.е. условена поддршка – исклучиво на конкретни и точно одредени проекти кои се во јавен интерес на народот и за доброто на месното население, инсистирајќи притоа да се вметнат и суштински општокорисни предлози од нашата локална предизборна програма за таа општина“,
гласи еден од заклучоците што ги донесе Президиумот на Левица.
Од партијата додаваат дека не ја исклучуваат можноста во конкретна пилот-општина да побараат претседателот на советот да биде од нивните редови.
Трајко Славески, кој ја предводеше советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ на овие избори, со образложение дека е на предавање со студенти, одби да одговори на прашањата на „360 степени“ околу тоа дали е формирано ново мнозинство во градскиот Совет, кога би се одржала конститутивната седница и кој би бил претседавач на Советот.
Во новиот скопски Совет, партиите од владејачката коалиција на централно ниво имаат вкупно 19 советнички места, односно 12 СДСМ, пет ДУИ и две ЛДП/ДОМ, додека Беса нема освоено советнички места. За мнозинство во Советот на Скопје се потребни најмалку 23 мандати. Последните два мандати во скопскиот Совет ги освои листата на „Зелен хуман град“.