Министерствата за надворешни работи на Северна Македонија и на Бугарија денеска, во исто време, на официјалните интернет-страници ги објавија досега усогласените препораки во Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања
ВМРО-ДПМНЕ попладнево преку соопштение реагираат на денеска објавените досега усогласените препораки во македонско-бугарската историска комисија.
„Според препораките, Цар Самоил, Св. Кирил и Методиј, Климент и Наум Охридски наместо македонски ќе се чествуваат како заеднички историски личности со Бугарија. Владата и Ковачевски го пробија дното. Има ли кормило во бродот кој тоне? Владата, Ковачевски, Османи и Маричиќ се откажаа од се што е македонско и прифатија Цар Самоил да е бугарски цар, а Кирил и Методиј, Св. Климент и Наум Охридски твореле во бугарска држава“,
се вели во писмената реакција.
Исто, така од опозициската партија сметаат дека со препораките на комисијата се да се менуваат учебниците по историја во Македонија, со ова Ковачевски и СДСМ свесно се откажува од македонската историја и македонскиот идентитет.
„СДСМ и Ковачевски секој ден вршат национално предавство на македонскиот народ и држава. Наместо да излегуваат на прес-конференции и да даваат паушални изјави, и предавството да го претставуваат како победа, веднаш да се охрабрат и да прифатат референдум за народот да може да одлучи“,
се вели во соопштението.
Министерствата за надворешни работи на Северна Македонија и на Бугарија денеска, во исто време, на официјалните интернет-страници ги објавија досега усогласените препораки во Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања. Обелоденувањето на препораките доаѓа по потпишувањето на Протоколот на 17 јули 2022 година, во кој се предвидува дека во рок од еден месец двете држави треба да ги објават веќе усвоените препораки од досегашната работа на историско-образовната комисија.
Станува збор за две групи препораки – за заедничко одбележување и за корекции во дел од учебниците. Усогласените препораки за заедничко чествување се однесуваат на св. Кирил и Методиј, св. Наум Охридски, св. Климент Охридски и цар Самуил. Истовремено, Комисијата усогласила и по пет препораки за учебниците по историја за 5. клас во Бугарија и за 6. одделение во Северна Македонија кои се однесуваат на периодот на антиката.
Протоколот предвидува дека:
-Согласно чл. 8 ал. 3 од Договорот, двете држави прифаќаат во 2022 и 2023 г. да ги чествуваат сите заеднички историски настани и личности кои се веќе договорени од Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања. Доколку има политичка волја од двете држави, ќе се прославуваат и други заеднички историски настани и личности;
-Двете држави, не покасно од учебната 2024-2025 г., да ги усогласат, каде што е неопходно, сите учебници по историја во учебната програма, така што тие ќе ги одразуваат, до тој момент, постигнатите резултати од работата на Комисијата, во согласност со чл. 8 ал. 2 од Договорот.
Копретседавачот од македонска страна на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, Драги Ѓоргиев, со четворица свои колеги, денеска одржа едночасовен брифинг со новинарите за да ги објасни досегашните резултати од работењето на Комисијата.
„Тоа се препораки и за македонските и за бугарските учебници, односно, препораки од македонската страна за бугарските учебници за петти клас основно образование., вупно пет препораки. И исто толку бугарски препораки за македонските учебници за шесто одделение. Тоа се учебници што го третираат античкиот период. Исто така, објавени се и препораките за заедничкото чествување на личности од Средниот век. Односно, тоа се светите браќа Кирил и Методиј, свети Климент, свети Наум и цар Самуил. Значи, тоа се текстови за заедничко чествување кои се идентични – и македонската и бугарската верзија, текстови со кои ние препорачуваме до двете влади на одредени годишнини или јубилеи да се чествуваат заедно овие историски личности“,
вели копретседавачот Драги Ѓоргиев.
Ѓоргиев исто така потенцира дека ако не се успее да се најде усогласеност, нема да има ни решение, односно, дека не мора да значи дека оваа Комисија, по секоја цена, мора да донесе решенија за историските недоразбирања што постојат меѓу македонската и бугарската историографија.