Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ на Град Скопје реагира на вчерашното интервју на градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, дадено за емисијата „360 степени“.
Тие велат дека Шилегов, пред изборите ветувал возобновување на езерото Треска и враќање на стариот сјај, а сега се правдал дека не е надлежен.
„Тоа беа негови зборови, а ВМРО-ДПМНЕ не го тепаше по уста самиот да се фали и ветува нешто за што денес гледаме дека излажа и се пере од одговорност велејќи дека не бил надлежен. Ако не бил надлежен тогаш зошто лажно ветуваше? Втората работа за која во вчерашното интервју Шилегов се обелодени дека излажа е подземната сообраќајница кај Мавровка. Иако пред изборите јавно ја ветуваше сега кажа дека немал да ја гради поради смешен изговор дека сметал плоштадот Скендербег. Овој плоштад е изграден уште пред Шилегов да стане градоначалник. Или Шилегов кога ветуваше подземна сообраќајница кај Мавровка ветувал од ракав, без стручна анализа и консултации или сега наоѓа изговори за да не го реализира овој капитален проект“,
се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Тие реагираат и на изјавата за зиплајнот што требаше да се гради од Калето до Градскиот парк, а Шилегов рече дека се откажале од таа идеја бидејќи анализите покажале дека не е докрај безбедна за граѓаните.
„Ова требаше Шилегов да го знае кога го ветуваше овој проект. Сосема на крај кога ќе ги тргнеме капиталните проекти чија реализација е нула, Шилегов нема капитален проект, освен фотошоп клупите на кој се појави Сандерс. Што се однесува до договорот за лед осветлување со Телеком тоа е златната кокошка на Шилегов од која допрва јавноста ќе чуе за какви криминалци станува збор“,
се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
