Заев покажува невиден аматеризам и ја става иднината на државата во рацете на луѓе кои немаат план и не знаат како, критикуваат од опозициската партија
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ се јави претпладнево со нова критика за владиниот кабинет што вчера почна со работа, оценувајќи дека од државата се одлеваат странски инвестиции затоа што владата на Зоран Заев е криминална и затоа што нема ниту еден министер за привлекување на инвестиции.
„Во текот на вториот квартал од 2020 година, вкупните директни инвестиции во Македонија бележат одлив од 9.3 милиони евра. Ова е доказ дека владата не носи инвестиции, туку и ги брка постојните. Од почетокот на годината до денес немаме ниту една нова инвестиција во државата, а капиталот што влегува во државата е реинвестиција на постоечките капацитети, кои се дојдени и инвестирале во државата благодарение на политиките на ВМРО-ДПМНЕ.Епилогот на ова е драстичен раст на невработеноста“,
се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Според опозициската партија, за само пет месеци во државата има 40 000 невработени лица повеќе. Тоа е резултат на неспособноста на Зоран Заев и желбата да се задоволи личниот и партискиот интерес пред државниот. Бројот на работните места, велат, уште опаѓа, а тоа го покажуваат и релевантни институции.
„Државниот завод за статистика вчера објави податок дека бројот на работници во индустријата во периодот јануари – јули оваа година во споредба со лани е намален за 4,6%. Македонија има Влада која нема да создава инвестиции и нема да генерира нови работни места. Заев покажува невиден аматеризам и ја става иднината на државата во раце на луѓе кои немаат план и не знаат како“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
