Експресен одговор на наводите на ВМРО-ДПМНЕ стигна од Бихаќска од каде што велат дека е добро што се воспостави дијалог и што Мицкоски јавно соопшти дека не е против уставни измени и прифаќа учество во заедничка влада. Од СДСМ го повторуваат повикот до опозициската партија да номинира работна група и да продолжи дијалогот за уставните измени
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ утрово преку две писмени соопштенија повторно го повика СДСМ да се изјасни која од двете понуди што партискиот лидер Христијан Мицкоски ги изнел на средбата со премиерот Димитар Ковачевски е прифатлива за власта. Од опозицијата во првото соопштение велат дека има два можни одговори на прашањето зошто владејачката партија досега не кажала кој предлог е прифатлив за неа.

„Една веројатност е дека не ја дава ДУИ да оди во опозиција, затоа што Ковачевски и неговите сопартијци се држат како заложници и се уценети за нивните коруптивни дејанија. Втората веројатност е дека СДС не ги прифаќа предлозите на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи планира во текот на преговорите да подготви ново национално предавство, односно е спремна да ги дораскрчми националните интереси, да прифаќа нови барања од Бугарија и целосно да го срози македонскиот идентитет“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму повторуваат дека нивните позиции се јасни.
„Нема да има Уставни измени по бугарски диктат. Јасно е дека власта на СДС нема двотретинско мнозинство и нема да го има додека не застане во одбрана на националните и државните интереси. Јасни се и предлозите на ВМРО-ДПМНЕ кои му беа кажани на Ковачевски, и конечно треба да каже дали и кој предлог на ВМРО-ДПМНЕ го прифаќа. Без заобиколување СДС треба да даде конкретен одговор“,
се наведува во соопштението.
Во второто соопштение, од опозициската партија велат дека СДСМ со тоа што не се изјаснува за уставните измени со одложено дејство и помага на Бугарија во намерата за национално обезличување и кажува дека ова не е последната уцена на патот кон ЕУ.
„СДС да објасни зошто е против заштитени национални интереси и интеграција преку уставни измени со одложено дејство. И двата предлога кои ги даде претседателот Христијан Мицкоски значат зачувување на идентитетот и брза интеграција во ЕУ. Суштината на првиот предлог е одложената примена на уставните измени со влез на државата во ЕУ. Со тоа Бугарија од потенцијален кочничар, станува активно заинтересирана страна што побргу Македонија да влезе во Унијата. И наместо нови блокади, имаме поголема помош. Што тука кај СДС е спорно? Или спорно е што ДУИ треба да замине во опозиција?“,
прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Експресен одговор на наводите на ВМРО-ДПМНЕ стигна од Бихаќска од каде што, пак, ги повторуваат своите ставови.
„Државата има историска шанса и силна поддршка од стратешките партнери ЕУ и САД за продолжување на европскиот пат. Добро е што се воспостави дијалог и што Мицкоски јавно соопшти дека не е против уставни измени и прифаќа учество во заедничка Влада. Сега дијалогот треба да продолжи, ДПМНЕ да ја прифати подадената рака. СДСМ веќе предложи работна група од највисоки партиски претставници. Сега, на ред е ДПМНЕ да номинира работна група и да продолжи дијалогот за уставните измени“,
се наведува во соопштението на СДСМ, од каде што потенцираат дека се работи за носење одлука од која зависи остварувањето на уште една стратешка цел на државата, членство во ЕУ.
Лидерската средба меѓу премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се одржа на 7 јуни и на не биле разгледувани неколку предлози понудени од двете страни. Едниот предлог на Ковачевски бил да се изгласаат уставните измени и да се оди на избори, а другиот ВМРО-ДПМНЕ да влезе во Владата и да добие половина од министерските места на СДСМ.
Лидерот на опозициската партија, пак, настапил со свои предлози – ДУИ да не биде во таа влада, а уставните измени да бидат со одложено дејство, односно, да важат откако ќе почне ратификацијата на пристапниот договор за членство на земјава во Европската Унија.
ДУИ уште истиот ден се согласи да не биде во владата, но откако уставните измени ќе се изгласаат и ќе стапат во сила.
Два дена по лидерската средба, Централниот одбор на СДСМ донесе одлука за формирање на работна група за продолжување на разговорите со ВМРО-ДПМНЕ и сите други парламентарни политички партии за операционализација на следните конкретни чекори со цел усвојување на уставните измени и остварување на стратешката цел на државата, членство во Европската Унија, соопшти на прес-конференција по седницата, портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Од СДСМ изминатите денови постојано инсистираат на тоа дека ВМРО-ДПМНЕ прифатила измени на Уставот со кои Бугарите и други народи ќе влезат во Преамбулата на највисокиот правен акт на државата.
Премиерот Димитар Ковачевски вчера во изјава за медиумите рече дека она што било договорено и јавно кажано на прес-конференцијата по лидерската средба за уставните измени сега треба да се примени, а не да се оди кон толкување. Тој додаде дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, треба да го почитува договорот од таа средба.
Од друга страна, пак, Мицкоски вчера во интервју за Дојче веле вели дека СДСМ е потполно свесен за тоа што го понудил на лидерската средба, но упорната манипулација што се прави со изнесување неточни информации и импутирање зборови, практично, ја отсликува состојбата во партијата (СДСМ н.з.) и значи отсуство на волја да се направи реален исчекор со решение кое ќе значи зачувување на идентитетот и реална и брза интеграција на државата.
„Расфрлањето со пердуви е контрапродуктивно затоа што јасно е од лидерската средба дека нема договор, а сѐ уште чекаме одговор од СДСМ – кој од двата предлога што ги понудив тие го прифаќаат. И на самата средба Ковачевски беше дециден дека нема договор“,
вели Мицкоски во интервјуто.