„Во овие смешни текстови, кои симултано се појавија на повеќе портали, тие го карактеризираат Ристо Пенов како успешен градоначалник, со измислена титула на ‘татко на современата функционалност на Скопје’, за понатаму да наведат три-четири по кој (според нив) придонеле за развојот на Скопје. За жал, по којзнае кој пат, СДС и нивните сателитски приклучени партии целосно ја потценија интелигенцијата на народот, со овој евтин обид за манипулирање на фактите со цел измена на историјата, нешто за што од СДС станаа експерти“, велат од опозициската партија
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска, во пресрет на предлогот поранешниот градоначалник на Скопје, Ристо Пенов, да биде нов министер за локална самоуправа што премиерот Димитар Ковачевски треба да го испрати до Собранието, оценува дека со овој потег владејачкиот СДСМ го допрел дното со поставување на стар и истрошен транзиционен лик како Пенов за министер на овој ресор.

„Во екот на најголемата светска економска и енергетска криза во последниве неколку декади, во време на несигурност и сериозни предизвици, СДС ја ‘почести’ македонската јавност со уште еден скандал, овој пат во вид на името на новиот министер за локална самоуправа во лицето Ристо Пенов, поранешен градоначалник на Град Скопје“,
велат од партијата во објава на Фејсбук.
Од партијата го критикуваат пишувањето на, како што велат оттаму, дел од провладините портали кои се обиделе да го величат ликот и делото на Пенов.
„Во овие смешни текстови, кои симултано се појавија на повеќе портали, тие Ристо Пенов го карактеризираат како успешен градоначалник, со измислена титула на „татко на современата функционалност на Скопје“, за понатаму да наведат три-четири по кој (според нив) придонеле за развојот на Скопје. За жал, по којзнае кој пат, СДС и нивните сателитски приклучени партии, целосно ја потценија интелигенцијата на народот, со овој евтин обид за манипулирање на фактите со цел измена на историјата, нешто за што СДС станаа експерти“,
велат од опозициската партија.
Меѓу проектите наведени во, како што ги нарекуваат од ВМРО-ДПМНЕ, „смешни пофални текстови“ за Ристо Пенов, ги посочуваат изградбата на плоштадот „Македонија“ во негово време и изградбата на улицата „Водњанска“.
„ВМРО-ДПМНЕ сака да даде свој придонес во сите текстови кои го величат ликот и делото на Пенов, каде што ќе ги наведеме сите работи што Пенов ги направи, а истите на беа споменати во пофалните текстови: 1. Скопје е целосно распродаден град во време на градоначалникот Пенов. Во времето кога Пенов е градоначалник, се прави најголемиот грабеж на добрата со кои располагаше Градот, каде што целосно се приватизирани Топлификација, Градски аптеки, ГТЦ со сите дуќани, Скопски пазар… Сите овие добра, кои беа на располагање на Градот Скопје, во овој период се даваат за багателни цени за привилигираните функционери на СДС, а Скопје е оставено без никакви ресурси за негов понатамошен развој. 2. Ристо Пенов е човекот кој со неговата неспособност и сомнителни тендери сериозно го оштети Камениот мост, симбол на Скопје. За време на реконструкцијата, поради неквалитетната изработка во летото во 2002 година во водите на Вардар се урна Стражарската кула. Пред неколку години, во должина од 30-ина метри се распукаа новите плочи од травертин, кој при овој зафат на Пенов ја заменија старата коцка. 3. Покрај асистирање во грабежот на државните и градските добра, во времето кога Пенов е градоначалник нема тендер за кои нема големо сомневање за корупција и криминалните дејствија. 4. Во време на Ристо Пенов оставени целосно се руинирани јавните градски претпријатија, каде истите се финансиски руинирани, со стара нефункционална механизација и возен парк, со екстремна превработеност… 5. Градската инфраструктура е целосно запоставена, Скопје е без соодветна сообраќајна инфраструктура, премал процент на атмосферска канализација, паркови и велосипедски патеки…“,
стои во објавата на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека „на Македонија и нејзините граѓани им претстои тешка зима, со високи цени на основните прехранбени продукти, електричната енергија и горивото“.
„Наместо решенија СДС испорачуваат криминал, корупција и секојдневни скандали. Одговорност ќе има! Избори се потребни час поскоро!“,
повикуваат од опозициската партија.
Премиерот Ковачевски вчера најави дека денеска до Собранието ќе биде испратен предлогот поранешниот градоначалник на Скопје, Ристо Пенов, да биде нов министер за локална самоуправа.
„Прво ја пратив оставката на Милевски, а сметам дека утре (понеделник 10.10.2022) ќе биде испратена од мојот кабинет номинацијата на господинот Пенов за нов министер за локална самоуправа“,
рече Ковачевски.
Пенов доаѓа како кадар на ЛДП која при распределбата на владиниот колач го доби ова министерско место. Тој на функцијата ќе го наследи актуелниот партиски лидер Горан Милевски, кој пред неполн месец си поднесе оставка.
Додека во јавноста се шпекулира дека Милевски може да замине и од лидерската позиција, партијата го понуди министерското место на Пенов. Тој на 27 септември за „360 степени“ потврди дека се согласил да раководи со овој ресор, по што на 2 октомври партиските тела на ЛДП ја потврдија неговата номинација која денеска Ковачевски и официјално ќе ја испрати до парламентот.
Пред тој да биде изгласан за нов министер, пратениците ќе треба да ја констатираат оставката на Милевски.
Доаѓањето на Пенов на министерската функција ќе биде негово враќање на политичката сцена по повеќе од 10 години. Тој е роден на 28 септември 1957 година во Велес, а првата висока функција што ја извршуваше беше градоначалник на Скопје. На функцијата тој се задржа во два мандата (1996-2000 и 2000-2004), а потоа беше и пратеник, исто така во два мандата. Од партиски функции, пак, беше секретар на Демократската партија до нејзиното спојување со Либералната партија во 1997 г., а потоа беше и потпретседател и претседател на Либерално-демократската партија во периодот од 1999 до 2007 година.